Едно лице загина, а повеќемина се повредени кога непознато лице во Турција активирало експлозивна направа со далечински управувач додека минувал автобус со затворски чувари, пренесува АП. Како што прецизира агенцијата, во експлозијата се ранети четворица чувари од кои еден е со потешки повреди.
Advertisements
Нападот се случил во областа Османгази, во северозападната турска провинција Бурса, додека автобусот ги превезувал чуварите во затвор во регионот.
„Нашата проценка е дека рачно изработената бомба, која била оставена под столб за струја, била активирана со далечински управувач додека минувало затворското возило“, им рече на новинарите гувернерот на Бурса, Јакуп Канболат, по увидот на местото на настанот.
Канболат рече дека во автобусот имало околу 30 луѓе. Сите тие се превентивно пренесени во болници, рече тој.
Засега нема преземено одговорност за нападот.
Курдските милитанти, левичарските екстремистички групи и милитантите на групата Исламска држава извршија бројни напади низ земјата во минатото.