Детската болница Охматдит стана една од целите за време на масовниот ракетен напад врз градовите низ Украина на 8 јули. Русите истрелаа над 40 проектили од различен вид врз Кијив, Днипро, Криви Рих и Краматорск. Иако точниот број на повредени и загинати допрва ќе се утврдува, нападот врз медицинскиот комплекс во украинската престолнина веќе се смета како еден од најголемите руски воени злосторства од целосната инвазија.
Впрочем, Кремљ ја избра за цел најголемата детска болница во Украина, која е една од најголемите во Европа.
Главната задача на објектот е заштита на мајчинството и детското здравје. Годишно овде се лекуваат до 18.000 деца и околу 20.000 добиваат итна помош во траума центарот. Лекарите на Охматдит вршат 7.000 операции секоја година. Конкретно, исклучително сложени операции за трансплантација на коскена срцевина за деца со рак. Илјадници детски животи беа спасени тука.
Ракетниот напад врз Охматдит не е случајност и не е „прекумереност на изведувачот“. Руската Федерација систематски и намерно врши злосторства против малолетни граѓани на Украина, кршејќи ги основните права на децата. Смртта или повредата од гранатирањето се само врвот на ледениот брег. Русите киднапираат украински деца, ги одвојуваат од нивните родители и вршат насилство.
Во анализата што ја пренесува Укринформ, Центарот за стратешки комуникации и информациска безбедност потсетува на најчестите злосторства кои Русија ги извршува врз украинските деца.
Напади врз цивилни објекти и пукање во конвои за евакуација: како Русија убива деца во Украина
Според Канцеларијата на јавниот обвинител и Канцеларијата на комесарот за човекови права, 555 деца се убиени и 1.429 се повредени за време на целосната војна, која трае веќе две и пол години. До крајот на мај, 2.021 дете се смета за исчезнато како резултат на војната. Од пролетта 2014 година до 24 февруари 2022 година, руската агресија ги однесе животите на 152 млади Украинци, 146 се ранети и повредени.
Оваа статистика ги брои само случаите документирани во кривичните постапки. Во моментов невозможно е да се каже точниот број на жртви од руската агресија меѓу децата во Мариупол и другите уништени градови, како и во привремено окупираните територии.
Нападот врз болницата Охматдит е далеку од прв напад врз детска болница. На 27 февруари и 4 март 2022 година, овој главен медицински комплекс беше нападнат и претходно, при што едно дете почина и четири беа повредени.
Последиците од руското бомбардирање на породилиштето во Мариупол во март 2022 година беа документирани од страна на новинарите Мстислав Чернов и Евген Малолетка. Фотографиите направени од Малолетка потоа беа печатени од страна на водечки светски изданија. Овие фотографии станаа еден од симболите на оваа војна. А, документарниот филм на Чернов „20 дена во Мариупол“ освои Оскар две години подоцна.
Ирина Калинина, повредената жена при породување, беше фатена во објективот на документарците. На жената ѝ беше извршен итен царски рез, но ниту мајката, ниту бебето преживеаја.
Пропагандата на Кремљ тврдеше дека бомбардирањето на породилиштето и смртта на родилката биле „лажни“. Тврдејќи дека мртвата Ирина Калинина и другата жена што се породила, Маријана Вишемирска, која имала среќа да преживее, се наводно едно исто лице.
Во ноември истата година, Русите извршија слично злосторство, погодувајќи го со проектил породилното одделение на болницата Вилниус во областа Запорижја и убивајќи го новороденчето Кирил, кое било само два дена старо.
Од почетокот на целосната војна, Русите имаат уништено над 200 медицински објекти во Украина.
Деца умираат и се повредени за време на непријателските дејствија, блиску до борбените редови. Тие умираат од руски проектили и во градовите во позадината. Тие умираат од куршуми истрелани од руската војска и се разнесени од мини. Често цели семејства се убиени.
Браќата Применко, 15-годишниот Артем, десетгодишниот Јехор и петгодишниот Кирило, загинаа заедно со нивните родители и баба на 8 март 2022 година, кога руска воздушна бомба падна во дворот на нивната куќа во Суми. Семејството немало време да се евакуира од градот.
Најстариот од браќата ја освои титулата шампион на Украина во самбо непосрдно пред инвазијата. Момчето беше вклучено во националниот тим на Украина. Тој требаше да учествува на Европското првенство за младинци и Светското првенство за кадети.
Истовремено, во март 2022 година, за време на руското бомбардирање на градот Изиум во областа Харкив, уште едно семејство загина: сопружниците Дмитро Столпаков и Олена Столпакова, нивните деца, осумгодишната Олександра и петгодишната Олесија, како и родителите на Олена, нејзината сестра и баба. Идентитетот на загинатите можеше да се утврди откако окупаторите беа протерани од градот.
На 23 април 2022 година, руски проектил лансиран од Каспиското Море погоди висококатница во Одеса и уби осум лица. Најмалата од нив, Кира Глодан, имаше неполни четири месеци. Таа загина заедно со нејзината мајка. Таткото на Кира, Јуриј Глодан, се приклучи на редовите на Вооружените сили на Украина и загина во близина на Бахмут, извршувајќи борбена мисија, во ноември 2023 година.
На 8 април 2022 година, русите убија седум и повредија 16 деца кога тактичката ракета Точка ОТР-21 ја погоди железничката станица во Краматорск, областа Донецк. 11-годишната Јана Степаненко ги загуби двете нозе. Девојчето и мајката поминаа низ низа протетски интервенции и рехабилитација во САД и се вратија во Украина.
Во февруари 2024 година, Украина беше шокирана од веста за смртта на семејството со три деца во Харкив. Пожарот што избувнал како резултат на нападот со Шахед ги однесе животите на Олга Путијатина, нејзиниот сопруг Григориј и трите сина: седумгодишниот Олексиј, четиригодишниот Михаило и Павел, кој имал само десет месеци.
На 2 март 2024 година, Русите убија пет деца одеднаш како резултат на ударот на иранско беспилотно летало врз станбена зграда во Одеса.
Руската пропаганда ги премолчуваше ваквите случаи или ги прогласуваше за „лажни“ (како бомбардирањето на породилиштето во Мариупол) или ги оправдуваше со аргументи за неизбежноста на „колатералната штета“. Но, овој дубиозен „изговор“ воопшто не функциоинира кога станува збор за пукуање во цивили, вклучително малолетници. Азамат Улдаров, поранешен член на Групата Вагнер, призна во едно интервју за „Gulagu.net project“, дека тој и неговите „колеги“ лично убиле жени и деца во Бахмут и Соледар. Најмладата жртва на платеникот, рече тој, изгледала на пет години. Убиството на девет заспани цивили, седум возрасни и две деца, од страна на руските окупатори во куќата на фармерското семејство Капканци во окупирната Волноваха, областа Донецк, во октомври 2024 година, доби публицитет.
Систематски феномен во 2022 година беше пукањето во цивилни автомобили и конвои за евакуација на патишта под контрола на руската војска. Натписите „Деца“ на автомобилите не ги спречија окупаторите. Исто како што не ги спречи руските пилоти кои фрлија бомба врз Драмскиот театар Мариупол, во чиј подрум се криеја цивили.
На 25 септември 2022 година, руската војска стрелаше во конвој со цивили со пешадиско борбено возило и пешадиско оружје на патот „Куриливка-Пишчане“ во областа Харкив. Оние кои се обидоа да избегаат беа убиени. Потоа беа убиени 13 деца и 13 возрасни лица, вклучувајќи и една трудница. Телата на повеќето од нив беа изгорени. Петгодишната Полина и едногодишниот Михаило, чии родители починале, беа спасени од случаен минувач. Нивната 12-годишна сестра Марина беше ранета. Русите го однесоа девојчето во окупираниот Луханск и го снимаа во пропагандни ТВ емисии.
За време на нападот на хуманитарниот конвој во Запорижја на 30 септември 2022 година, загинаа и деца: 11-годишно девојче и 14-годишно момче. Петгодишно девојче беше рането. Загинаа вкупно 32 лица.
Гробишатата на уништените автомобили во Ирпен, Кијивска област, стана потсетник за овој вид на злосторства извршени од страна на Русите. Во април 2023 година, Канцеларијата на јавниот обвинител испрати обвинение до судот против Станислав Стенин, командант на четата на 106-та воздухопловна дивизија. Истрагата утврди дека тој ја дал наредбата да се пука во конвојот со автомобили со натписите „Деца“ и “Евакуација“ на излезот од Ирпен. Тогаш Русите убија пет и ранија седум луѓе, меѓу кои и мало дете.
Депортации и одвојување од родителите
Руската Федерација депортира деца од територијата на Украина од почетокот на агресијата во 2014 година, криејќи се зад гласните изјави за спасување и евакуација од воената зона. На оваа кампања, која, по 24 февруари 2022 година, доби нови димензии, ѝ се придружуваат владини структури на Руската Федерација, како и разни „добротворни фондови“ и „доброволни иницијативи“. Дополнително, од самиот почеток на руската агресија врз Украина, белорускиот режим активно партиципира во киднапирањето на деца од окупираните територии на Украина и нивно пренесување во Русија и Белорусија, каде тие се изложени на индоктринација и асимилација.
Користејќи се со нацистички методи од Втората светска војна, Русија систематски ги депортира украинските деца од окупираниот дел на Украина против нивна волја – што претставува геноцид според една од петте дефиниции дадени во Конвенцијата за геноцид на Обединетите нации.
Окупаторите не само што носат семејства со деца во Руската Федерација, туку и киднапираат ученици од интернат, сирачиња и одвојуваат деца од нивните семејства, издвајќи им руски документи на киднапираните деца со нови имиња и презимиња. Ова се прави со цел да се оневозможи нивно идентификување и враќање дома.
Вреди да се забележи дека создавањето пречки за семејствата кои бараат да ги вратат децата претставува кршење на Меѓународното хуманитарно право, особено на Четвртата Женевска Конвенција и може да се толкува како воено злосторство.
Украина ги утврди имињата и приближното место на престојување на повеќе од 19.500 деца депортирани во Руската Федерација и окупираните територии. Досега, само 389 деца успеале да се вратат дома.
Украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец смета дека бројот на киднапирани деца може да достигне неколку десетици или дури и стотици илјади. Впрочем, на окупираните територии живееле околу 700.000 малолетници. Во февруари 2023 година, руската пропагандна новинска агенција ТАСС, цитирајќи ги безбедносните сили, се пофали дека 738.000 деца од Украина пристигнале во Руската Федерација.
Кремљ го третира населението на окупираните територии како трофеј и го доживува како ресурс за решавање на демографските проблеми во Руската Федерација. Со декрет од 30 мај 2023 година, Путин воведе поедноставена процедура за доделување руско државјанств на украински сирачиња, лица со попреченост и деца кои останале без родителска грижа. Руското државјанство може да се додели на иницијатива на старателите од редот на руските граѓани, сопствениците на таканаечените ЛПР и ДПР „пасоши“ или организации кои се грижат за сирачиња.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин и рускиот народен правобранител за деца, Марија Лвова-Белова, заради незаконска депортација и преселување на украински деца од Украина.
Самохраниот татко, Јевхен Межеви, беше одвоен од неговите три деца од страна на руската војска за време на операциите за филтрирање во Мариупол, во пролетта 2022 година. Додека таткото беше во колонијата Оленивка, малите Матвиј, Свјатослава и Олександра беа одведени во детскиот санаториум Полиани во предградието на Москва, структурна единица на Детскиот медицински центар на администрацијата на Руската Федерација. Заедно со децата, депортирани се над 30 други малолетни државјани на Украина. Филип, момче од Мариупол, кое беше „посвоено“ од Марија Лвова-Белова, беше меѓу нив. Јевхен Межеви успеа да се ослободи, да ги земе децата со помош на волонтери и се пресели со нив во Летонија.
По Лвова-Белова, најпознатиот руски „посвојувач“ меѓу моќните е Сергеј Миронов, шеф на фракцијата на Думата „Праведна Русија“. Во 2022 година, тој киднапираше две бебиња од тогаш окупираниот Херсон. Откако дознале за болеста на момчето Илија, двојката Миронов одлучила да се ослободи од него. Но малата Маргарита Прокопенко, која има роднини и законски старател останати во Украина, живее во семејството на руска заменичка под името Марина Миронова.
Деца кои се вратиле дома зборуваат за понижувањето, психичкото и физичкото насилство што морале да го претпрат во руските кампови. Забраната да се комуницира на украински јазик, забраната да се комуницира со роднини во Украина, секојдневниот настап на рускиот државјанин кај роднините во Украина, секојдневната изведба на руската национална химна, идеолошката обработка и заканите се работи за кои сите зборуваа. Типична е подготовката за посвојување дури и ако има родители во Украина.
Тортура и насилство
Од првите денови на окупацијата, Русите почнаа да градат систем на терор и злоупотреба на воени затворници и цивилни заложници. Само во областа Харкив, по деокупацијата, украинските полициски службеници открија 25 комори за мачење. Луѓето кои минувале низ нив сведочат за тепање, мачење со електрична струја, врел метал, гладување, недостаток на сон, симулирано пукање итн.
Во Херсон, окупаторите поставија комора за мачење малолетници. Како што извести Дмитро Лубинец, Русите ја нарекле собата каде се чувале тинејџерите „детска ќелија“. 14-годишно момче било злоставувано од окупаторите затоа што фотографирало воена опрема. Тинејџерот не бил хранет, вода се давало само еднаш дневно и тврделе дека неговите родители наводно го напуштиле.
Насилството врз цивили, вклучувајќи и силување, е рутина за руската војска. До крајот на мај 2024 година, украинските полициски службеници регистрирале кривична постапка за 292 епизоди на сексуално насилство од страна на руската војска за време на окупацијата. Меѓу жртвите се и 15 деца, момчиња и девојчиња, на возраст од 4 до 17 години. Полициските службеници признаваат дека вистинскиот број на кривични дела е значително поголем. Впрочем, не сите жртви на силување се подготвени да зборуваат за тоа.
Тешко е да се прецени тежината на злосторствата извршени од Руската Федерација врз украинските деца. Тоа се мери не само според бројот на загинати, повредени или оние кои доживеале насилство. Украина допрва ќе треба да брои колку деца останале сирачиња и изгубиле роднини поради дејствијата на Кремљ. Да се процени влијанието врз физичкото здравје и психо-емоционалната состојба на оние кои се во стресна состојба поради промена на местото на живеење, редовното гранатирање и воздушните напади, или одвојувањето од родители. Затоа мора да бидат казнети сите руски воени злосторици за страдањата на секое украинско дете. Единствениот ефикасен начин да се запрат овие злосторства е решително да се одбие руската агресија, да се лиши Русија од можноста да ја продолжи војната, да се ослободат окупираните територии и да се вратат дома сите киднапирани Украинци.
Драган Мишев
Превод: Н. Цветковска