33-годишен скопјанец, возач на моторцикл „Пиаџо Беверли“ со скопски таблички, удрил 10-годишно девојче кое се здобило со тешка телесна повреда – скршеница, информира Основното јавно обвинителство Скопје.

Според обвинителството, возачот управувал со моторциклот без заштитен шлем и без да поседува соодветна возачка дозвола за таа категорија возила.

Несреќата се случила на улицата „Џон Кенеди“, пред влезот на основното училиште „Васил Главинов“, каде што девојчето го преминувало коловозот на обележаниот пешачки премин. Наместо да запре и да им даде предност на пешаците, возачот со предниот десен дел од моторциклот удрил во телото на девојчето.

„Осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите, со што го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето“, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.

За да се обезбеди присуство на осомничениот во текот на постапката, јавниот обвинител предложи мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување кај службено лице во судот, како и привремено одземање на патната исправа. Судот ги прифати предложените мерки.

Текстот Моторџија без дозвола удри 10-годишно девојче на „Џон Кенеди“ е превземен од МАКФАКС.