Руската војска тврди дека нападите во Киев биле насочени кон постројки за производство на ракети „Артјом“ во близина на главниот град на Украина. Рускиот генерал Игор Конашенков изјави дека за време на нападите било користено високопрецизно оружје со долг дострел. Тој, исто така, рече дека над 280 украински војници биле убиени како резултат на нападите во текот на ноќта.
Advertisements
„За време на нападите уништивме 21 командно место, 69 упоришта, 763 области на концентрација на работна сила и воена опрема, како и 107 артилериски позиции. Како резултат на ударите беа уништени повеќе од 280 националисти и 38 оклопни возила“, изјави Игор Конашенков, командант на руската армија
Но, руските воздушни напади погодија и станбени згради, оставајќи мртви и ранети. Нападите во Киев се случија додека генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш беше во Киев.
„Симболично, во моментов, генералниот секретар на Обединетите нации е во Киев. Ова е поздрав за него. Господин Путин му покажа среден прст на Гутереш со пукање и уништување на нашите домови. Целта на Путин не се зградите, неговата цел се животите на луѓето, но ние ќе издржиме“, изјави Виталиј Кличко, градоначалник на Киев
Во меѓувреме, специјалните сили на украинската национална гарда Азов објавија видео со снимки во фабриката за челик во Мариупол по руското бомбардирање на теренската воена болница лоцирана во Азовстал. Заменик-командантот на формацијата Азов, тврди дека синоќа Русија напаѓала и со фосфорни бомби.
„Ова беше ноќ на колосален број фосфорни бомби, 50 ракетни напади, артилериски гранати и сè друго што варварите можат да го употребат против човештвото. Кој ќе одговара? Зошто сме сами против авионите и бродовите, против артилеријата што продолжува да пука? Не е грешка, бидејќи во Мариупол денот се брои како година. Сакам да знам кој? Кој ѝ го даде ова време на Москва за да ги прикрие злосторствата во Мариупол?“, изјави Свјатослав Паламар, заменик командант на Азов
Фабриката за челик Азовстал е последната област на украинските сили во Мариупол. Околу 1.000 цивили се засолнети заедно со околу 2.000 украински борци во големиот комплекс од времето на Советскиот сојуз каде има голем број подземни тунели изградени да издржат воздушни напади. /Алсат.мк
Исуф Кадриу