Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, го предупреди светот да не ги потценува ризици од нуклеарен конфликт, или Трета светска војна. Во интервју за руската државна телевизија, Лавров рече дека снабдувањето со оружје на Украина од страна на НАТО „во суштина“ значи дека алијансата е индиректно вклучена во војната со Русија. Тој рече дека цел на руски напади се сите оние кои на кој било начин се вклучени во војната во Украина.

Advertisements

„Сигурно, тие оружја ќе бидат легитимна цел за руските вооружени сли, кои дејствуваат во рамките на специјалната операција. Магацините, вклучувајќи ги и тие во западниот дел на Украина, сега станаа таква цел. Не би сакал вештачки да ги проценувам овие ризици. Многумина би го сакале ова. Ризикот е сериозен, реален. Не треба да го потценуваме“, рече Лавров.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги оценува реакциите на Русија како знак на слабост.

„Русија ја загуби „последната надеж да го исплаши светот поради поддршката за Украина. Ова значи дека Москва бележи загуби“, рече Кулеба на Твитер по интервјуто на Лавров.

Велика Британија не верува дека постои ризик од ескалација на војната во Украина.

„Сергеј Лавров, исто така, може да размисли дека причина што сега има војна во Украина е поради тоа што Русија ги премина границите на една суверена земја, и почна да ја окупира нивната територија. НАТО не е експанзионистичка офанзивна алијанса. НАТО е одбранбен сојуз. А, оваа врева од Москва дека на некој начин нивниот напад врз Украина е одговор на агресијата на НАТО, е едноставно целосна глупост“, изјави Џејмс Хапи, министер на британските вооружени сили.

И покрај руските закани, Западот продолжува да и помага на Украина. За време на посетата на Киев во неделата, американскиот државен секретар Ентони Блинкен вети поголема воена помош за Украина. Новиот американски мултимилионски пакет вклучува артилерија, тенкови и фрлачи на гранати. Вашингтон рече дека сака да ја види „Русија ослабена до точка што не може да го направи она што го направи за да ја окупира Украина“.

Исуф Кадриу