Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова за тамошните медиуми оцени дека испраќањето воена помош на земјава за Украина е – како што изјави, “голема грешка на Владата во Северна Македонија“. Таа не даде дополнителен коментар, но пристигна одговор од шефот на дипломатијата Бујар Османи. Тој истакна дека Скопје ќе продолжи да му помага на Киев колку може. Според него, воената помош се испраќа за Украина да може да се брани, а не да напаѓа и ваквите одлуки не се насочени против рускиот народ, туку однесувањето на актуелната власт во Москва.

Advertisements

„Билатералните односи со Русија сега се многу помалку важни отколку загрозувањето на мирот со ова агресивно однесување на Русија коешто се разбира ја отвора Пандорината кутија за слично такво агресивно однесување на авторитарни режими во светот“,, рече Османи.

Османи ставовите ги искажа по состанок со неговите колеги од земјите од Јадранската повелба. Видео-обраќање имаше и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој се заблагодари за воената помош. Тој истакна дека ако Русија не се фокусираше на војната во Украина, тогаш ќе била уште поактивна во нарушувањето на стабилноста на Балканот.

„Многу сум благодарен што партнерските земји ни обезбедувате витална воена помош за Украина. Колку повеќе имаме ваква помош толку побрзо ќе можеме да ја завршиме војната со одлучни воени победи на бојното поле“, рече Кулеба.

Утре се очекува Владата да ја донесе осмата одлука за воена помош на Украина, сочинета од дванаесет МИ-24 хеликоптери од советско производство. Властите претходно истакнаа дека Македонија е во топ-5 земјите членки на НАТО по пружена воена помош, по глава на жител. Според проценките, досегашна воена помош за Киев од Скопје тежи околу 30 милиони евра.

Лука Андреев