Според извештаите од болниците моментално од ковид-19 се лекуваат 443 пациенти, (-10,5% во споредба со претходна недела), а од нив 316 се на кислородна поддршка (-4,2% во споредба
со претходна недела). Од нив 10 се на механичка вентилација (-28,6% во споредба со претходна недела), покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој се однесува за период од 22 до 28 ноември.
Според извештајот, од почетокот на пандемијата вкупно се регистрирани 914 реинфекции, од кои една е втора реинфекција. Во текот на мината недела вкупно се пријавени 44 реинфекции, со намалување од 10,2% во однос на претходната недела.
Заклучно со 28 ноември, пријавени се вкупно 215.125 случаи на ковид-19, а регистрирани се 7.569 смртни случаи.
Од 22 до 28 ноември се тестирани вкупно 18.781 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на коронавирус, со намалување од 5,1% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.751 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 6,1% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (23,1%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (4,3%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, освен кај возрасната група од 0-9 години (+14,4%). Најзабележително е намалувањето кај возрасната група на лица од 10-19 години (-10,7%).
Репродукцискиот број на заразени од ковид-19 (R0) во Македонија изнесува 0,97 заклучно со 29 ноември 2021 година.
Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата земајќи ги во предвид индикаторите на СЗО за можноста за понатамошна трансмисија и капацитетите за одговор на земјата се проценува дека Македонија е во фаза на широка трансмисија, подниво 2, со умерени капацитети за одговор.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.