12 преработки на можеби најубавите македонски патриотски песни, исто толку изведувачи… 18 концерти низ цела Македонија, еден во дијаспората… вака некако низ бројки би можела да се опише двегодишната приказна наречена „Македонијо во срце те носиме“, што ја раскажуваат Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, ДНК, Наум Петрески, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски.
И се вели најубавото се чува за крај, а дека е навистина така домашната публика ќе се увери на 7 декември кога во Филхармонија музичката екипа, инаку предводена од Скендеровски продукција, ќе запее во придружба на симфониски оркестар под диригентската палка на Сашо Татарчевски.
Освен веќе добро познатите 12 преработки за кои беше задолжен маестро Николче Мицевски, чии се и оркестрациите за концертот, публиката ќе има можност на сцената да види и да чуе уште три нови. Една од нив е преубавата „Молитва“ на авторот Миле Барбаровски.
„Нека расте о, Боже родот убав мој! Најголемиот благослов е да пееш со вакви ангели! Ви ја подаруваме оваа а capella изведба на „Молитва”… и повторно се заблагодарувам на Миле Барбаровски за ова вонвременско дело… Ви подаруваме момент на емоции и искреност, не користевме никакви постпродукциски технологии, ова што го гледате и слушате сме јас и прекрасниот училишен хор и мандолинскиот оркестар на училиштето „Григор Прличев“ и нивната неуморна и прекрасна наставничка Елена Владева-Апостолов, која толку умно ги храни овие детски глави со македонска музика! На концертот со нашиот проект „Македонијо во срце те носиме“ на 7 декември оваа композиција ќе ја чуете со големиот симфониски оркестар“, открива Бојана, која во рамки на проектот ја отпеа и прекрасната „Заветна“
Од Скендеровски продукција откриваат дека сите средства од продажбата на билетите ќе бидат насочени во хуманитарни цели. Низ целиот музичко-драмски перформанс публиката ќе ја води актерот Дејан Лилиќ, па сосема очекувано настанот се најавува како прекрасна музичка претстава.
Текстот „Молитва“ една од трите најавени нови преработки што ќе се отпее на концертот „Македонијо во срце те носиме“ во Филхармонија е превземен од МАКФАКС.