Македонскиот народен театар ќе го одбележи 27 март – Светскиот ден на театарот со изведбата на популарната претстава „12“, по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов.
Традиционално, пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани меѓународната и македонската порака посветени на актуелниот театарски миг, а кои ги сподели Македонскиот центар на ИТИ. Автор на меѓународната порака е Теодорос Терзопулос, театарски режисер, едукaтор, автор, од Грција, основач и уметнички директор на Аттис – Театарска компанија, инспиратор на Театарската олимпијада и раководител на Меѓународниот комитет на Театарската олимпијада.
Авторот на македонската порака за 2025 година е актерот Емил Рубен, пензиониран актер од ансамблот на МНТ, филмски и ТВ-актер.
Двете пораки ќе бидат прочитани непосредно пред почетокот на претставата, а честа да ѝ се обратат на публиката е на прекрасните актерки Арна Шијак и Софиа Насевска-Трифуновска.
Претставата е работена по мотивите на драмата „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз – еден од најдобрите филмови на сите времиња.
Игра познатата машка актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
Претставата забележа рекордна распродажба по премиерата и карти не можеа да се најдат и неколку месеци однапред.
Текстот МНТ ќе го одбележи Светскиот ден на театарот со популарната претстава „12“ е превземен од МАКФАКС.