Деновиве Украина се сеќава на датумите на почетокот на трагичните настани кои не само што ја променија поновата историја на нашата земја, туку влијаеја и на историјата на целиот европски континент и на светот.
Пред десет години, неиспровоцираната вооружена агресија на Руската Федерација против Украина го започна процесот на уништување на системот на меѓународно право создаден по Втората светска војна.
Привремената окупација и обидот за анексија на Автономната Република Крим и градот Севастопол во 2014 година, понатамошната привремена окупација на делови од територијата на Донецката и Луганската област и неказнивоста што Русија ја чувствува поради недостаток на соодветен решителен одговор од страна на меѓународната заедница на овие злосторства предизвикаа низа понатамошни настани, кои кулминираа со инвазија од големи размери на Руската Федерација во Украина која започна во февруари 2022 година.
Во моментов, руската инвазија од големи размери на украинската територија е придружена со кршење на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право и човековите права, уништување на градови и села, бројни жртви меѓу цивилното население, тортура, илјадници починати и ранети. Водејќи војна против Украина, Русија исто така прибегнува кон нуклеарна уцена и ги поткопува фундаменталните основи на архитектурата на меѓународната безбедност и непролиферација.
Во привремено окупираните територии на Автономната Република Крим и градот Севастопол, делови од Донецката, Луганската, Запорижската и Херсонската област во Украина, руската окупациона администрација се обидува да ја уништи врската на луѓето со Украина, нивната желба за слобода и независност.
Иако намерите на Русија да го легитимизира обидот за незаконска анексија на украински територии преку одржување на таканаречени „референдуми“ и „избори“ пропаднаа, а резултатите од овие пропагандни акции не беа препознаени од светската заедница, Кремљ не престанува да се обидува да ги принуди жителите на привремено окупираните територии да гласаат на таканаречените „избори“ за претседател на Руската Федерација, што воедно е уште едно грубо кршење на нормите на меѓународното право. Самиот факт на одржување на вакви „избори“ на привремено окупираните територии на Украина ги делегитимира и доведува во прашање резултатите од ваквите „избори“ на целата територија на Руската Федерација, како и статусот на идниот претседател на Русија.
Една од важните последици како одговор на дејствијата на РФ на привремено окупираните територии на Украина, особено извршувањето на военото злосторство илегална депортација и раселување на илјадници украински деца на територијата на државата агресор, беше налогот за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд за Владимир Путин и Марија Лвова-Белова. Ваквите злосторства немаат рок на застареност. Руските воени злосторници мора да бидат задржани и предадени на меѓународната правда.
Херојскиот отпор на украинскиот народ ги надмина империјалистичките амбиции на Руската Федерација и нејзините планови да ја оддели Украина од Европа. Намерите на Русија да ја избрише Украина од светската мапа и да го уништи украинскиот идентитет пропаднаа.
Украинскиот народ продолжува да демонстрира храброст и херојство, борејќи се не само за своето постоење, зачувување на својата државност и опстанок на своите граѓани, туку и за целиот демократски свет. На глобалната природа на овој предизвик укажува долгиот список на одлуки на меѓународните организации, кои со силна поддршка на апсолутното мнозинство членови на светската заедница ја осудуваат руската агресија и ја потврдуваат нивната посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Искрено сме им благодарни на нашите меѓународни партнери за нивната политичка поддршка, воена, финансиска и хуманитарна помош, за зголемувањето на санкциониот притисок врз државата агресор. Убедени сме дека нашите партнери ќе стојат рамо до рамо со Украина до нашата заедничка победа.
Украина никогаш нема да му се предаде на агресорот. Само целосното обновување на територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници ќе обезбеди мир и стабилност во Европа и светот.
Изведувањето пред лицето на правдата на воено-политичките злосторници на Руската Федерација е неизбежно. Меѓународни трибунали, постигнување услови под кои Руската Федерација ќе плати репарации, развој на безбедносни гаранции за Украина за да се спречи повторување на злосторството агресија, враќање на воените заробеници, незаконски притворени лица и незаконски депортирани, насилно раселени украински деца од привремено окупираните територии на Украина, привлекување инвестиции за обнова и реконструкција на нашата држава, пристапување на Украина во ЕУ и НАТО – ова се прашањата кои се веќе на дневен ред.
Украина ја разбира потребата од создавање на нов меѓународен безбедносен систем кој ефикасно би одговорил на денешните закани и предизвици. Уверени сме дека со нашите заеднички напори со нашите партнери ќе обезбедиме имплементација на Формулата за мир на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, како единствен ефективен план за обновување на сеопфатниот, праведен и одржлив мир во Украина и безбедност за целиот свет.
Ги повикуваме нашите партнери да продолжат со силната поддршка за Украина со цел да се обезбеди украинската победа над руската агресија. Ова, пред сè, вклучува итно снабдување со нови пакети оружје и муниција за украинските бранители, усвојување одлуки за понатамошно финансирање на програмите за поддршка, воспоставување заедничко одбранбено производство, предавање на замрзнати руски средства.
Убедени сме дека со заеднички напори ќе успееме да постигнеме целосно обновување на територијалниот интегритет и мир во Украина и во Европа воопшто.
Извор: МНР на Украина