Млади лекари во земјава веќе трет месец чекаат да бидат викнати на платена пракса, која Министерството за здравство со закон ги обврзува за нивно понатамошно усовршување, односно запишување на специјализација.
Ивана Баловска, од групата млади лекари, вели потребна е итна реакција од институциите, затоа што како што рече, праксата трае шест месеци и треба да заврши до септември за да имаат право да конкурираат на првиот циклус за специјализација.
После шест години редовни студии и уште шест месеци поминат стаж за полагање на државен испит, ние сме останати во агонија и загриженост која директно се рефлектира на секој од нас. Секојдневно го слушаме парадоксот на нашиот систем, каде е очигледен е недостигот на млади лекари, а во исто време ние сме оставени во чекалната на институциите, чекајќи вработување или платена пракса која ни следува со закон, истакна Баловска.
Вели доколку не се изнајде решение ќе бидат принудени да ја напуштат земјава и да отидат некаде каде што нивниот труд и знаење ќе бидат вреднувани.
Доколку не се изнајде решение за нашата ситуација, за жал ќе бидеме дел од многу неправди кои институциите ги прават врз здравствените работници, иако си ја сакаме државата и сакаме да останеме тука, ќе бидеме принудени да ја напуштиме и да отидеме некаде каде што ќе се цени нашиот труд и знаење. Поддршка бараме и од нашите колеги, нашите професори, сите здравствени работници и граѓаните во овие моменти ќе ни значи да успееме да се избориме за нашите права да останеме во нашата држава и да дадеме придонес во развојот на македонското здравство, истакна Баловска.
Симона Ѓеорѓиевска, од групата млади лекари, вели оствариле средба со претставници од Министерството за здравство, како и со министерот за здравство, Илир Демири, по што било испратено барање за брза и итна постапка од страна на Министерството за финансии, но како што рече, одговор се уште немаат добиено.
Дел од колегите ја започнаа платената пракса од шест месеци во итната медицинска помош и здравствените домови, додека пак останатиот дел се уште чекаме. Секојдневно сме ја вратите на институциите и бараме одговори за тоа кога ние ќе почнеме со платената пракса. Одговор се уште немаме и чекаме, истакна Ѓеорѓиевска.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.