За воведување на функцијата еврокомесар за одбрана ќе биде потребна промена на Договорот за функционирање на Европската Унија, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
Во интервју за група медиуми Мишел посочува дека во Договорот од Лисабон постојат јасни надлежности на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и за нивни промени ќе биде потребна измена на Договорот.
– Ако има некој предлог за промена на Договорот, тогаш ќе биде потребна поддршка од земјите членки, изјави Мишел.
Бриселскиот портал „Политико“ минатата недела објави дека во рамките на ЕУ се разгледува можноста за именување на еврокомесар за одбрана, во чија надлежност би биле индустриските аспекти на одбранбената политика на Унијата, а оваа идеја е наведена и во предлог изборната програма на Европската народна партија (ЕПП) за претстојните избори за челнови на Европскиот парламент. Според „Политико“, како можни кандидати за еврокомесар за одбрана се посочуваат полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски и естонската премиерка Каја Калас.
Мишел во интервјуто истакнува и дека по руската агресија врз Украина, во ЕУ е зголемена свесноста за изградба на посилна заедничка безбедносна архитектура.
– Тоа е можно само ако имаме многу поголема координација меѓу земјите членки на ЕУ во однос на капацитетите, но и многу помоќна индустриска основа, вели Мишел, додавајќи дека за тоа се потребни поголеми трошоци за одбраната и одбранбени програми.
Во однос на идеите за зајакнување на „европскиот стратешки суверенитет“, особено по изјавата на претендентот за републикански кандидат за американски претседател Доналд Трамп, дека НАТО нема да ги брани оние членки што не одвојуваат доволно средства за одбраната, Мишел оценува дека клучно за тоа би било зајакнување на европската одбранбена индустрија и реализација на набавките на оружје и воена опрема во рамките на ЕУ.
– Пред неколку години имаше некои сомнежи и се сеќавам дека во Европскиот совет многумина мислеа дека НАТО е чадор на безбедноста и Европа треба да биде повеќе фокусирана на економските цели. Но, сега се соочуваме со нова парадигма и со задоволство гледам дека начинот на размислување е сосема поинаков, рече Мишел.
Во однос на состојбата во Украина, Мишел вели дека евентуална победа на Русија би ги ставила на ризик европските вредности и затоа нема друга алтернатива освен продолжување на поддршката од Европа за Киев.
– Поразот на Украина не може да биде опција… Јасно е дека ако Украина ја загуби оваа војна, ќе има огромен ризик за нашите вредности, изјави Мишел, додавајќи дека за ЕУ постои „само еден план А“, а тоа е да продолжи да ја поддржува Украина.
Прашан дали е загрижен дека прашањето за поддршката на ЕУ за Украина може да биде злоупотребено во кампањата за европски избори во јуни, Мишел вели дека тоа веќе и се случува.
– Треба да им објасниме на луѓето дека кога инвестираме и кога трошиме пари за поддршка на Украина, таа инвестиција е исто така инвестиција за нас, бидејќи е инвестиција за мир и стабилност на ЕУ, додава Мишел.