Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вчера во врска со земјотресите што ги погодија грчките острови Санторини и Кикладите изјави дека сеизмолозите предупредуваат дека се работи за феномен без преседан, со флуктуации во динамиката, поради што е невозможно со сигурност да се процени развојот на ситуацијата.

Мицотакис истакна дека владата е свесна за финансиската штета што оваа ситуација им ја нанесува на вработените и на работењето на компаниите на овие острови, пишува „Катимерини“.

Според него, сите компании и приватни работодавачи во општините Тира и Аморгос, каде што исто така е прогласена вонредна состојба, можат да ги прекинат договорите за вработување за периодот на оваа вонредна состојба од 1 февруари до 3 март.

Вработените на кои им се суспендирани договорите ќе добијат отштета од 534 евра.

„Ги преземаме сите превентивни мерки по препораките добиени од службите за проценка на сеизмолошки ризик“, нагласи премиерот.

Тој додаде дека поради тековната сеизмичка активност, училиштата во Тира, Иос, Анафи и Аморгос ќе останат затворени до петок, 21 февруари.

Мицотакис предупреди дека жителите на островот мора да ги следат упатствата за да избегнуваат собири во затворени простории и да не се приближуваат до напуштени и нестабилни згради.

Санторини и другите грчки острови во регионот се погодени од „невидена“ сеизмичка активност, а околу три четвртини од 15.000 жители на островот се евакуирани.

Текстот Мицотакис: Развојот на состојбата поради сеизмичката активност останува неизвесна е превземен од МАКФАКС.