На покана од претседателот на Врховната рада на Украина Руслан Стефанчук, по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, денеска на специјалната седница на Врховната рада се обрати претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески.
Тој пред украинските пратеници и високите гости ја потврди цврстата, недвосмислена и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинскиот народ и украинските институции, нагласувајќи дека граѓаните на Република Северна Македонија се, и остануваат со граѓаните на Украина за сета помош и поддршка што е неопходна.
„Демократскиот свет е обединет во поддршката на Украина во борбата за правда, одбрана на нејзината територија и одбрана од империјалните апетити на нејзиниот сосед. Руската агресија врз Украина е предупредување за сите дека мирот, независноста и слободата не треба да се земаат здраво за готово“, истакна Митрески во своето обраќање.
Тој изрази верување дека „како и досега низ историјата, демократските вредности ќе ја победат агресијата, а соработката ќе се насочи кон разговори за подобар животен стандард, просперитет и развој, културна соработка и размена“.