Македонските ракометари денеска влегоа во втората фаза од подготовките за ЕП 2022, во кој селекторот Лазаров ќе ги има на располагање сите ракометари.
Филип Миркуловски е еден од оние за кои се очекува ЕП 2022 да биде последно големо натпреварување во репрезентативниот дрес.
„Влеговме во последната фаза од подготовките, веќе работиме на детали во играта, како во нападот, така и во одбраната. До почетокот на ЕП имаме уште две пријателски средби, утре и задутре против Израел. Ќе се обидеме на овие натпревари да играме наша игра, да го изреализираме она што го работиме на тренинзите. Нема да се фокусираме на противникот, туку на нашето издание, на она како треба да изгледаме против Словенија, Црна Гора и Данска. Најважно во моментов ни е сите да сме здрави, свесни сме за ситуацијатата со коронавирусот, така што најважно и е да останеме здрави и комплетни до почетокот на ЕП. Од денеска почнавме со анализа на првиот противник, селекцијата на Словенија. Нема уште многу време, само уште десетина дена до стартот на шампионатот, така што во наредниот период ќе ги анализираме и останатите ривали“, изјави Миркуловски.