Во денешната заедничка изјава, министрите за надворешни работи на балтичките земји, Литванија, Летонија и Естонија, најавија дека нема да присуствуваат на состанокот на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје бидејќи присуствува и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, се наведува во соопштението објавено на интернет страницата на естонското МНР.
„Местото на Лавров е во специјалниот трибунал, а не на масата на ОБСЕ“, рече шефот на дипломатијата на Естонија, Маргус Цахна, се додава во соопштението.
„ОБСЕ првично беше дизајниран да ја изгради европската безбедност, да спречи конфликти и да го зачува мирот. А, Русија, со своите незаконски и ѕверски дејствија, постојано докажува дека не е безбедносен партнер на Европа. Всушност, денес на Европа ѝ е потребна безбедност од и против Русија, наместо заедно со неа.
Затоа ние, министрите за надворешни работи на балтичките земји, решивме да не присуствуваме на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Остануваме подготвени да работиме со партнерите и земјите-учеснички во поддржувањето на принципите на ОБСЕ и против руската агресија и идеологијата зад неа“, се наведува во соопштението.