Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска ќе се сретне со францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне и полскиот Радослав Сикорски во централниот германски град Вајмар на консултации за безбедносната и одбранбената политика, јави ДПА.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи во Берлин изјави дека во фокусот на разговорите ќе биде руската војна во Украина, како и иднината на Европската унија и ситуацијата на Блискиот Исток.
Бербок ќе пристигне на состанокот директно по враќањето од кусата посета на Киев, каде што вчера повика на поголема меѓународна поддршка за воздушната одбрана на Украина.
Трите земји редовно се среќаваат во рамките на сојузот Вајмарски триаголник, основан во 1991 година.