Според податоците на министерството за здравство, во периодот од 6 август до 4 ноември на територијата на државава како позитивни на Ковид-19 се потврдени 48.955 граѓани. Од нив 28 отсто, односно 13.886 лица, биле целосно вакцинирани. Според статистиката за изминативе два месеци, 35.069 граѓани, односно 72 отсто, од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани.
Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 78 отсто, додека само 22 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
Како што се посочува во анализата на вакцинирани од позитивни случаи со Ковид-19, што ја објави Министерството за здравство за период од 6 август заклучно со 4 ноември, за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во период од 6 август до вчера (4 ноември) на територијата на државата починале 1.688 пациенти со Ковид-19. Од нив 1.376 пациенти односно 82 отсто не биле вакцинирани, а само 18 отсто, односно 312 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.