Министерството за здравство попладнево информираше дека ги прифаќа препораките на Комисијата за заразни болести за спречување на ширењето на голема кашлица, но не кажа дека нема да се примаат невакцинирани деца во градинките.
Во соопштението се наведува дека министерот Илир Демири ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предвидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица.
Портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ вчера рече дека предлагаат да се зголеми инспекцискиот надзор на ДСЗИ во градинките со цел да се види дали се почитува препораката на Комисијата за заразни болести, да не се примаат невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината.
Министерството за здравство апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца, се вели во соопштението.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Рената Младеновска денеска изјави дека ќе забранат посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот да врши вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина.
Вакцинацијата против голема кашлица во земјава се спроведува со комбинирани вакцини: Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB), Pentaxim (DTaP-IPV-Hib) и Tetraxim (DTaP-IPV). Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.
Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, до вчера беа регистрирани 123 случаи на голема кашлица во цела Македонија, од кои 109 се во Скопје.
Од 18 јануари до 29 февруари аплицирани се 22. 395 дози вакцини.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.