Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, го одобри планот на армијата за освојување на Газа и даде зелено светло за мобилизирање на околу 60.000 резервисти за спроведување на операцијата, потврди неговото министерство.
Според планот, поканите ќе бидат испратени во неколку бранови – најголемиот, со околу 40.000 до 50.000 резервисти, е закажан за 2 септември, додека следните се планирани за крајот на 2025 година и почетокот на 2026 година. Оваа бројка доаѓа покрај десетиците илјади резервисти кои веќе се мобилизирани, а армијата најави продолжување на нивната служба за дополнителни 30 до 40 дена. Во еден момент, до 130.000 војници би можеле да учествуваат во операцијата.
Планираната офанзива против Хамас вклучува пет дивизии со вкупно 14 бригади – од пешадија и оклопни единици, до артилерија и инженерство, заедно со единици за поддршка, логистика и разузнавање. Дел од мобилизираните нема да учествуваат директно во операцијата, туку ќе ги заменат војниците на другите фронтови.
Операцијата е со кодно име „Гидеонова кочија Б“, продолжение на претходната операција во која израелската армија ја презеде контролата врз 75 отсто од територијата на Појасот Газа. Подготовките веќе започнаа. Нахал и 7-та оклопна бригада дејствуваат во округот Зејтун на работ на Газа, додека бригадата Гивати отвори нова офанзива во Кафр Џабалија.
Во исто време, според израелските медиуми, Израел подготвува масовна евакуација на цивили. Се проценува дека околу еден милион Палестинци ќе го напуштат градот, а армијата веќе поставува шаторски населби и засолништа на југ.
Најавено е отворање на нови точки за дистрибуција на помош и најмалку две дополнителни болници. Исто така, постојат планови за повторно отворање на Европската болница во Кан Јунис, затворена откако под неа беше откриен тунел на Хамас. Во тек се и преговори со ОН и други организации за зајакнување на медицинската инфраструктура.
Според планот на Израел, офанзивата ќе се спроведува во фази. Прво, цивилите ќе бидат предупредени да го напуштат градот, а рокот за евакуација е поставен за 7 октомври, втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел. После тоа, израелските сили ќе го опколат, а потоа ќе влезат во градот, вклучувајќи ги и областите кои сè уште не се целосно исчистени од инфраструктурата на Хамас.
Плановите за нападот доаѓаат и покрај тоа што Хамас претходно оваа недела објави дека се согласува со предлогот за прекин на огнот. Доколку се постигне договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот, операцијата би можела да биде суспендирана. Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се чини скептичен кон понудата на Хамас досега.
Според официјалните податоци, милитантите во Газа сè уште држат 50 заложници киднапирани на 7 октомври 2023 година, меѓу кои и телата на најмалку 28 убиени. Се верува дека дваесет лица се живи, а израелските власти стравуваат дека уште двајца се во критична состојба. Во исто време, Хамас сè уште го држи телото на израелски војник убиен во 2014 година, пишуваат израелските медиуми.
Текстот Министерот ја одобри инвазијата на Газа, мобилизирани се 60.000 резервисти е превземен од МАКФАКС.