Градежните работи на новата детска градинка во населбата Драчевик во Кочани се во завршна фаза, со што градот наскоро ќе добие модерен објект за згрижување на децата на предучилишна возраст.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во придружба на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, денеска направи увид во комплетирањето на градинката, при што нагласи дека таа е една од десетте што ќе бидат финализирани до крајот на годината.

– Се работи за објект што е изграден според современите светски стандарди за установи за предучилишно згрижување на децата, со термовентилирачка фасада што ќе придонесува за чист воздух и здрава животна средина во околината. Ќе бидат згрижени 112 деца до шестгодишна возраст, во шест групи, од кои две се за најмалите до двегодишна возраст. Градбата е квалитетна, градинката е инклузивна, односно ќе овозможи згрижување и на деца со попреченост, што е сериозна придобивка во испорачување на концептот „Едно општество за сите“, истакна министерката Шахпаска.

Градоначалникот Илијев упати благодарност што Министерството за труд и социјална политика веднаш го прифатила барањето на Општина Кочани за новиот објект, со што за неполни четири е одговорено на потребите на стотина семејства кои чекаат на згрижување на децата во јавната установа.

-За општината овој објект има уште поголемо значење затоа што создаде можност за пошироко уредување на просторот – изградба на сообраќајна инфраструктура со пешачки зони и оформување паркиралишта, озеленување и хортикултурно уредување, планирање на нови повеќенаменски и детски игралишта. Населбата Драчевик со неа добива нов изглед и квалитет, а по две години административна работа, 20 месеци работа на терен и по 20 години од изградбата на последната, Кочани добива нова градинка, истакна Илијев.

Изградбата на новата градинка чини околу 57 милиони денари и е дел од проектот „Подобрување на социјалните услуги“, што Министерството за труд и социјална политика го реализира со поддршка од Светска банка. Објектот ќе работи во состав на јавната детска установа „Павлина Велјанова“ од Кочани.