Македонскиот режисер Милчо Манчевски на 15 јули почнува да го снима својот осми филм, „Збогум, Копакабано“ (работен наслов „Биста“). Од тимот на Манчевски велат дека реализацијата на овој проект била незаконски забранета речиси три години.

Како и во сите филмови на Манчевски и тука, покрај емотивниот уметнички аспект (темата на сестринска љубов), се истражуваат и општествено релевантни теми – самотија, сиромаштија, корупција, ментални болести, општество засновано на привилегии на богатите. Иако се случува во современа Македонија, филмот содржи и универзален коментар, размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

„Збогум, Копакабано“ е социјална трилер-комедија за брат и сестра што крадат бисти низ Скопје.

Мотото на филмот е: „Брат, сестра и шахта“.

„Иако доби поддршка на конкурсот на Агенцијата за филм во 2022 година како проект од национален интерес, „Збогум, Копакабано“ речиси 3 години беше одмазднички блокиран од филмската мафија затоа што Манчевски пријави корупција во Агенцијата, а неговите наводи беа потврдени од државните и невладини антикорупциски институции. Ова беше почеток на долготрајниот прогон кон Манчевски, кој како високопрофилен укажувач на дело се бори против корупцијата. Тој за оваа борба доби поддршка и од Венецијанскиот филмски фестивал, од двете здруженија на филмски работници на Италија, од Коалицијата за поддршка на укажувачи на Југоисточна Европа, од Филм индастри воч и од Транспаренси интернешнл. На крајот, две правосилни судски пресуди ги потврдија наводите на Манчевски дека се местени конкурси во Агенцијата за филм и дека „Збогум, Копакабано“ е блокиран незаконски. Потоа и Агенцијата потпиша договор за снимање на филмот“, велат од тимот на Манчевски.

„Ова е филм за сестринска љубов и саможртва, за богати и сиромашни, за добри и лоши, за слепи и окати. Филм за тоа како живееме, како се смееме и како умираме“, вели Манчевски. Тој додава: „Со оваа екипа и со овие глумци се чувствувам како со вистински рамноправни партнери во создавање парче уметност, нешто што ќе остане и што ќе се памети“.

Освен Агенцијата за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.

Филмот ќе се снима со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје.

Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е искусниот Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

Текстот Милчо Манчевски на 15 јули почнува да го снима својот осми филм, „Збогум, Копакабано“ е превземен од МАКФАКС.