Италијанските фудбалски гиганти Милан и Интер направија важен чекор кон изградба на нов стадион со презентирање на деталниот план до градските власти на Милано. Проектот вклучува изградба на модерен спортски комплекс во областа Сан Сиро, каде што моментално се наоѓа легендарниот стадион „Џузепе Меаца“.
Според планот што го претставија клубовите, тие имаат намера да го преземат стадионот стар 98 години и придружното земјиште од градот Милано. Централниот дел на проектот е нов стадион со капацитет од 71.500 седишта, чија изградба се очекува да чини околу 700 милиони евра. Но, покрај самата арена, планот вклучува и сеопфатен развој на околината, која ќе се трансформира во мултифункционална спортска зона.
Проектот предвидува изградба на музеј посветен на историјата на двата клуба, продавници, деловни простории, хотели и пространи зелени површини. Планот содржи и предлог за „рефункционализација“ на сегашниот стадион, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се прилагоди на нова намена. Дополнителните трошоци за реновирање на целиот комплекс се проценуваат на 500 милиони евра.
Според сегашниот план, новиот стадион треба да биде завршен до 2031 година, со што Милано ќе добие еден од најмодерните фудбалски објекти во Европа.
Текстот Милан и Интер ги презентираа плановите за изградба на новиот стадион е превземен од МАКФАКС.