Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ денеска ги осуди нападите на израелските одбранбени сили врз припадниците на мировните сили на Обединетите нации (УНИФИЛ) во Либан.

„Нема никакво оправдување за нападите врз членовите на УНИФИЛ и единственото нешто што завојуваните страни, вклучително и израелските одбранбени сили, мора да направат е веднаш да запрат каква било форма на напад и притисок врз мисијата УНИФИЛ“, се вели во соопштението.

Тој потсети дека Советот за безбедност на ОН предупреди дека членовите и објектите на мировните сили на ОН никогаш не смеат да бидат цел на напади.

Во соопштението се наведува дека во мисијата УНИФИЛ имало и припадник на хрватските вооружени сили, дека неговото учество во мисијата завршило и дека во тек е организацијата на неговото безбедно враќање во Хрватска.

„Подоцна ќе одлучиме за распоредување на припадник на вооружените сили кој треба да го замени во мисијата УНИФИЛ, имајќи ја предвид безбедносната состојба пред се“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Претседателот потсети дека задачата на членките на УНИФИЛ е да го бранат меѓународниот мир и безбедност, односно да обезбедат целосна имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН од 2006 година со цел зачувување на мирот меѓу Либан и Израел.

Тој нагласи дека членовите на УНИФИЛ се обидуваат да спречат ескалација на конфликтот, додека нападите на ИДФ врз нив „ги прават напорите на УНИФИЛ невозможни и директно придонесуваат за ширење на тој конфликт“.

Текстот Милановиќ го осуди Израел: „Нема никакво оправдување за нападите врз членовите на УНИФИЛ“ е превземен од МАКФАКС.