Меѓународен ден на исчезнатите деца: Секоја година во Европа исчезнуваат 300.000 деца

За годинешниов Меѓународен ден на исчезнати деца, AMBER Alert Europe, Европскиот центар за исчезнати деца, во соработка со националните институции и граѓанските организации од европските земји, го најавуваат започнувањето на нивната кампања „Check. Think. Report“ (Провери. Размисли. Пријави).

Оваа иницијатива, наменета за родителите и старателите, им обезбедува сеопфатен водич чекор-по-чекор за тоа што да прават и што да очекуваат кога нивното дете ќе исчезне.

Кампањата ќе почне истовремено во 16 земји и на 14 јазици, а ја предводат министерствата за внатрешни работи, националните полиции и водечките непрофитни организации посветени на заштитата на децата во Европа.

Името на кампањата ги содржи нејзините основни совети:

„Проверете“ за да го потврдите отсуството на детето,
„Размислете“ за да се потсетите на клучните детали и да ја процените ситуацијата
„Пријавете“ со цел брзо да се реагира при исчезнување на дете.

Секоја година, илјадници семејства ја доживуваат траумата на исчезнато дете. Во вакви болни моменти, многу е важно да знаете кои чекори да ги преземете. Согледувајќи ја оваа потреба, AMBER Alert Europe соработуваше со експерти од областа на исчезнатите лица за да ја развие кампањата „Провери. Размисли. Пријави“. Преку оваа иницијатива, родителите и старателите ќе добијат клучни информации и насоки, охрабрувајќи ги да дејствуваат брзо и ефективно во случај на исчезнато дете.

„Секоја година во Европа исчезнуваат 300.000 деца. Кампањата „Провери. Размисли. Пријави“ е клучна пресвртница во нашите тековни напори за заштита на децата и поддршка на семејствата во време на криза. Охрабрувајќи ги родителите со знаење и ресурси што им се потребни, имаме за цел да го скратиме времето од моментот кога детето е пријавено за исчезнато до пронаоѓањето и да ги зголемиме шансите за безбедно и брзо враќање на исчезнатите деца во нивните домови“, изјави Френк Хоен, претседател и основач на AMBER Alert Europe.

Навремената реакција и известување на полицијата и одговорните институции може значително да придонесе за намалување на бројот на исчезнати деца. Важно е веднаш да се пријави исчезнувањето. Не чекајте да поминат 24 часа.

Кампањата „Провери. Размисли. Пријави“ ќе се спроведува во Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Италија, Литванија, Малта, Холандија, Северна Македонија, Полска, Португалија, Словенија, Шпанија и Велика Британија.

Секоја земја вклучена во кампањата ќе ги ангажира своите најважни ресурси и експерти за да обезбеди информациите да стигнат до што е можно повеќе родители и старатели.

Г. Т.