Мора да бидеме подготвени да ја пружиме раката на Европа на луѓето кои гледаат кон нас во Украина, Молдавија и Грузија и на сите оние од Западниот Балкан на кои предолго им се ускратува напредокот, изјави денеска Роберта Мецола во обраќањето пред европратениците по нејзиниот реизбор на местото претседателка на Европскиот парламент.
– Мора да бидеме подготвени да ја пружиме раката на Европа, бидејќи секој од нив оди по својот пат со заслуги и почитување на потребните критериуми. Мора да бидеме подготвени да се соочиме со овој нов свет и оваа нова реалност и заедно ќе бидеме подготвени, истакна Мецола.
Според неа, парламентарната дипломатија ќе биде од суштинско значење за одбрана на мултилатерализмот и во подготовките за проширување на Европската Унија.
Таа на почетокот на обраќањето се заблагодари за укажаната доверба со нејзиниот реизбор, нагласувајќи дека ќе работи секојдневно да ја оправда доверба изразени кон неа и Европскиот Парламент.
– Заедно, мора да се залагаме за политиката на надеж, за сонот за Европа. Сакам луѓето да го вратат чувството на доверба и ентузијазам во нашиот проект. Доверба дека ќе го направиме нашиот заеднички простор побезбеден, поправеден и поеднаков. Доверба дека заедно сме посилни и подобри. Доверба дека нашата Европа е за сите, порача Мецола.
Таа нагласи дека под нејзино водство Европарламентот ќе остане дом на секој поединец во Европа и на заложби за политиката на надеж и за остварување на „ветувањето на нашите предци и татковци кое се уште не е исполнето“.
– Нашата Европа мора да биде Европа која памети. За сите оние кои беа раселени, исчезнати, за оние кои стоеја пред тенковите и куршумите на тоталитаризмот што владееше толку долго време во Европа. За сите оние кои веруваа во подобро и кои се осмелија да сонуваат, истакна Мецола.
Според неа, Европа мора остане достапна за сите, во која ќе нема место за политики на конфронтирање, поделби на „ние“ и „тие“ и поттикнување гнев и омраза.
– Ова е Домот кој се залага за спротивното. Тој сака да гради, наместо да уништува. Тој не се плаши да тргне по потешкиот пат. Тој е во состојба да го пронајде и користи својот глас за општо добро. Тој е контра на автократијата, тој ја удвојува потребата да се бориме за владеење на правото и тој разбира дека навистина сите мора да бидеме еднакви во Европа, рече реизбраната претседателка на ЕП.
Мецола посочи дека таа еднаквост не значи дека сите треба да бидат исти, туку дека на секој човек треба да му се даде иста шанса да го искористи својот потенцијал.
– Еднаквоста на можностите е таа што ги препознава разликите и ги гледа тие различни јазици, различни култури и различни приказни што не разликуваат како Европејци, додаде Мецола.
Според неа, европратениците споделуваат одговорноста да ја остават Европа подобро место од она што го затекнаа, за што е потребно да создадат нова безбедносна и одбранбена рамка што ќе ги чува луѓето безбедни, ќе ги потисне експанзионистичките соништа на диктаторите во европското соседство, ќе се справува со хибридните закани и ќе го одржува мирот.
Таа говореше и за потребата од зајакнување на конкурентноста и единствениот пазар, обезбедувањето квалитетни работни места, склучувањето глобални трговски договори, поддршка за индустријата, младите, истражувањето, образованието и во културата, борбата против климатските промени, засилување на европскиот социјален столб, справување со илегалната миграција и мрежите за трговија со луѓе, искористување на придобивките од дигиталната ера и вештачката интелигенција и намалување на непотребната бирократија што „ги турка луѓето и работните места подалеку од Европа“.
– Не можеме да ја оставиме Европа подобро место ако луѓето се уште не можат да бидат она што сакаат да бидат и да го сакаат оној што сакаат насекаде во Европа, ако не сме во состојба да се бориме против дискриминацијата или да го спречиме растечкиот антисемитизам или исламофобија и ако омразата и насилството продолжат да бидат движечка сила. Мора да испорачаме Европа во која секој ќе се чувствува како дома, истакна Мецола.
Според неа, Европа не може да биде подобро место ако многу жени се уште не чувствуваат дел од неа, ако се малтретирани, тепани и убивани, ако се уште се плашат или ако заработуваат помалку од мажите за истата работа.
– Знам дека заедно ќе ја оставиме Европа подобра отколку што ја најдовме. Знам дека кога светот ќе погледне кон овој Парламент, ќе види Дом кој ги брани правата, кој ги штити новинарите, кој ја цени слободата, кој ја разбира неговата улога како светилник на демократијата низ целиот свет, истакна Мецола, додавајќи дека демократијата никогаш не може да се зема здраво за готово, на што потсетија автократите кои европски вредности ги сметаат за закана.
Мецола се осврна и на приоритетите на ЕУ во надворешна политика, пред се на помошта на Украина во справувањето со руската агресија, ставањето крај на конфликтот на Блискиот Исток и воспоставување одржлив мир со создавање две држави – Израел и Палестина и поддршка на жените во Авганистан и Иран, неправедно затворените и борците за демократија во Белорусија и Русија и на сите оние ширум светот кои „постојано му пркосат на солзавецот што паѓа врз нив додека го веат високо нашето европско знаме“.
– За да ја обновиме нашата посветеност кон Европа, мора да не се плашиме. Да не се плашиме да се соочиме со автократите. Да не се плашиме да го исполниме нашето ветување. Да не се плашиме да се залагаме за Европа. Да не се плашиме да продолжиме да градиме Унија која ќе биде од корист за сите нас, истакна Мецола.
Според неа, ќе биде потреба да се најдат начини за зајакнување на семејствата и заедниците, за градење култура на колективна одговорност и за развој на економија на општо добро, што не се прашања на партиска политика, туку на самата одржливост на слободата.
– Треба да изградиме наратив на надеж кој зборува за сите нас, а не за некои од нас. Времето за почеток е сега. Пријатели, можеме повторно да го имаме наративот на оваа наша голема Унија. Можеме да ги инспирираме новите генерации Европејци. Затоа што Европа е надеж. Европа е верување. Европа сме сите ние. Европа останува одговорот. Да живее Европа, заклучи Мецола во обраќањето.
Мецола беше реизбрани на функцијата на почетокот на денешното конститутивно заседание на новиот состав на Европскиот парламент со 562 гласа, додека нејзината противкандидатка Ирене Монтеро доби 61 глас.
Роберта Мецола е родена на Малта во 1979 година. Таа е европратеничка во континуитет од 2013 година, а во ноември 2020 година беше избрана за прв потпретседател на Европарламентот. По смртта на тогашниот претседател на ЕП, Давид Сасоли на 11 јануари 2022 година, Мецола стана в.д. претседател на законодавниот дом, а седум дена подоцна беше избрана за негова претседателка.
Таа е трета претседателка на Европскиот парламент по Симон Веил, која ја извршуваше оваа должност од 1979 до 1982 година и Никол Фонтен, која беше на чело на законодавниот дом на ЕУ од 1999 до 2002 година.
Инаку, парламентарното заседание продолжува попладнево со постапката за избор на 14 потпретседатели на Европскиот парламент. Потпретседателите се бираат во три круга, при што во првите два за да биде избран кандидатот мора да добие апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број на европратеници што гласале, додека во третиот круг за избран се смета кандидатот што ќе добие најмногу гласови, независно од мнозинството, пренесе МИА.