Мета на руски напади утринава беа и станбени згради во Киев и неколку други градови. Амбасадата на САД преку објава на Твитер напиша дека во Чернихив руските сили убиле 10 луѓе кои стоеле во ред за леб.
„Ваквите ужасни напади мора да престанат. Ги разгледуваме сите достапни опции за да обезбедиме одговорност за какви било злосторства извршени во Украина“, наведуваат од амбасадата на САД.
Во главниот град на Украина, улиците се полни со урнатини од згради, а меѓу уништените е и една 12-катница.
Во страв и понатаму живеат и граѓаните на Мариупол. Во едно од засолништата во една соба се сместени новороденчиња кои родителите ги оставиле, а во просторија блиску до нив има мртви од руските напади.
Украинскиот претседател утринава соопшти дека од почетокот на агресијата биле убиени 103 деца. Бара Русија да биде изведена пред лицето на правдата.
„Русија стана терорист и нема срам. Но, таа ќе одговара за сè. Светот веќе почна да сфаќа дека без признавање на Русија како терористичка држава, ќе биде невозможно да се врати правдата во Украина и светскиот поредок“, рече Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Три милиони бегалци ја напуштија Украина откако Русија ја нападна пред три недели. Секој ден илјадници други ги минуваат границите кон Полска, Романија, Молдавија, Германија и Словачка.
Еви Шкопи