Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, синоќа изјави дека Русија не води војна само против Украина, туку и против Германија. Во интервју за германската телевизија, Мерц предупреди на саботажа, ширење дезинформации и хибридна војна, која, вели тој, веќе влијае на германското општество.
„Тоа не е само војна против Украина. Тоа е војна и против нас“, рече Мерц, додавајќи: „Нè следат, има саботажа, се справуваме со лажни информации во голем обем“.
Германскиот канцелар ги издвои руските пропагандни телевизиски канали како што е „Раша тудеј“ и употребата на вештачка интелигенција во ширењето на лажни вести.
„Нашето население е систематски погрешно информирано – преку ‘Раша тудеј’ и други канали“, рече тој. „Имаме лажни вести комбинирани со вештачка интелигенција. Сето ова се елементи на она што го нарекуваме хибридна војна“.
Според него, нападите врз инфраструктурата веќе се случуваат, вклучително и палежи и напади врз воени објекти. „Неодамна имавме инциденти во касарната. Речиси сите траги водат кон Русија“, рече Мерц. „Затоа мора да се браниме.“
Откако новата влада дојде на власт во Берлин, Германија ја засили својата реторика и мерки против Русија, особено по честите случаи на саботажи и сајбер напади на територијата на ЕУ.
Според „Ројтерс“, германската влада протера неколку руски дипломати и го затвори конзулатот во Лајпциг во мај оваа година, наведувајќи „контраразузнавачка закана“ како главна причина.
„Би-Би-Си“ објави дека германската влада значително ги зголемила инвестициите во воздушната одбрана и сајбер безбедноста оваа година, а „Франс прес“ објави дека Берлин неодамна формирала специјална единица за следење на руските дезинформациски кампањи во рамките на ЕУ.
Во исто време, Германија останува еден од главните сојузници на Украина. Според „Асошиејтед прес“, канцеларот Мерц потврдил континуирана воена и финансиска помош, вклучително и дополнителни системи за воздушна одбрана, за време на неговата прва официјална посета на Киев во април.
(Фото: ЕПА)
Текстот Мерц: Русија не води војна само против Украина, туку и против нас е превземен од МАКФАКС.