Кремљ денеска соопшти дека ставовите на германскиот канцелар Фридрих Мерц за мировните преговори за Украина треба да се игнорираат откога Мерц рече дека Владимир Путин е „можеби најсериозниот воен злосторник на нашето време“.
Во интервју емитувано вчера Мерц нагласи дека нема простор за попустливост за таквите луѓе.
Putin ist ein Kriegsverbrecher. Er ist vielleicht der schwerste Kriegsverbrecher unserer Zeit, den wir im großen Maßstab sehen. Wir müssen uns darüber im Klaren sein, wie man mit Kriegsverbrechern umgeht: Da ist Nachgiebigkeit fehl am Platz.
— Bundeskanzler Friedrich Merz (@bundeskanzler) September 2, 2025
Русија ги отфрла сите обвинувања дека нејзините сили извршиле воени злосторства во Украина или дека Путин издал наредби што би можеле да се сметаат за воени злосторства.
На прашањето на новинарите за време на посетата на Кина за предлогот на Мерц за одржување мировни преговори во Женева, портпаролот Дмитриј Песков рече дека речиси е невозможно да се земат предвид ставовите на Мерц по неговите неодамнешни изјави.
Иако Мерц претходно ја обвини Русија како држава за сериозни воени злосторства и тероризам против цивилното население за време на неговиот мандат како канцелар, директното етикетирање на Путин како потенцијално најлош воен злосторник на нашето време означува невидена ескалација во неговата реторика.
Коментарите на Мерц доаѓаат во време кога продолжуваат меѓународните правни постапки против Путин. Во март 2023 година Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател под сомнение за нелегално депортирање деца од Украина.
Постоењето на налогот за апсење значително ги комплицира дипломатските напори. На пример, австриското Министерство за надворешни работи неодамна соопшти дека земјата е подготвена да биде домаќин на мировни преговори меѓу украинските и руските лидери. Виена посочи дека би можела да се консултира со Меѓународниот кривичен суд за да се избегне апсењето на Путин за време на евентуална посета.
Фото: ЕПА
Текстот Мерц: Путин е најголемиот воен злосторник на денешницата е превземен од МАКФАКС.