Фридрих Мерц денеска тргнува на своето прво патување во Лондон како германски канцелар, каде што ќе се сретне со британскиот премиер Кир Стармер и ќе потпише сеопфатен договор за пријателство како дел од поширокиот напор за ресетирање на односите на Европската Унија со Велика Британија, објави Ројтерс.

Еднодневната посета на Мерц доаѓа една недела по тридневната државна посета на францускиот претседател Емануел Макрон, сигнализирајќи поблиска соработка меѓу трите најважни сили во Европа во време на растечки закани за континентот и неизвесност околу сојузникот САД.

Европа се бори со трговските тензии со САД откако претседателот Доналд Трамп се врати во Белата куќа, како и со егзистенцијални прашања за подготвеноста на Вашингтон да продолжи да помага во одбраната на европските сојузници, вклучително и Украина, во услови на руска инвазија.

„Договорот доаѓа во време кога ние Европејците сме особено предизвикани во однос на безбедносната политика“, изјави претставник на германскиот владин кабинет на брифинг пред патувањето.

„Не е експлицитно наведено во преамбулата, но трансатлантските прашања се исто така – да го кажеме вака – нестабилни. И тоа е дел од поширокиот контекст.“

Германија има такви договори за пријателство само со неколку земји, како што е Франција, што симболизира посебна блискост меѓу двете земји, објавува Ројтерс.

Речиси една деценија откако Велика Британија гласаше за напуштање на Европската Унија, договорот содржи клаузула за заемна помош што е „исклучително важна во светлината на руската агресија во Украина“, рече функционерот.

Договорот се темели на минатогодишниот одбранбен договор што вклучува заеднички развој на оружје за удар со долг дострел, а доаѓа откако Франција и Велика Британија се согласија минатата недела да ја зајакнат соработката во врска со нивните нуклеарни арсенали.

Текстот Мерц пристигнува во Лондон, ќе потпише договор за пријателство со Британците е превземен од МАКФАКС.