Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во своите мемоари уште еднаш ја оправда својата политика кон Русија и противењето на Украина да влезе во НАТО, јавуваат германските медиуми.

„Влезот на нова членка во НАТО не само што има за цел да ја зголеми безбедноста на новата членка, туку мора да се земе предвид и безбедноста на целата алијанса“, неделникот „Die Zeit“ цитира делови од мемоарите на Ангела Меркел „Freiheit“ (Слобода), кој треба да биде претставен следната недела.

Пасусот особено се однесува на политиката на Ангела Меркел кон Русија, која во меѓувреме често беше критикувана, и нејзината наводна отстапка кон Владимир Путин. Многумина веруваат дека Русија никогаш немаше да ја нападне Украина доколку Меркел дадеше зелено светло на апликацијата за членство на Украина и Грузија на состанокот на НАТО во Букурешт во 2008 година, анализираат медиумите.

„Целосно ја разбрав желбата на земјите од Централна и Источна Европа за што поскоро членство во НАТО. Меѓутоа, со секое проширување, самата алијанса требаше да прегледа како тоа ќе влијае на безбедноста, стабилноста и ефикасноста на НАТО“, напиша поранешната канцеларка во своите мемоари.

Таа изјави дека во тој момент во случајот со Украина требало да се земе предвид фактот дека Русија ја стационирала својата црноморска флота на полуостровот Крим, што би донело „непредвидливи последици“. Меркел истакна и дека во тоа време само малцинство Украинци го поддржале барањето за влез во НАТО.

Поранешната канцеларка во своите мемоари наведува дека зеленото светло во принцип за Украина и Грузија на самитот во Букурешт за Путин било повик за борба. „Еднаш подоцна Путин ми рече: „Ти нема да бидеш засекогаш канцелар, а потоа овие земји ќе станат членки на НАТО. И јас сакам да го спречам тоа“, се наведува во мемоарите на поранешната долгогодишна германска канцеларка.

Нејзините мемоари ќе бидат објавени во повеќе од 30 земји на 26 ноември. Таа ќе ја претстави книгата во САД една недела подоцна, на настан во Вашингтон со поранешниот претседател Барак Обама, со кого имала блиски политички односи.

Текстот Меркел: Путин ми рече „Нема да бидеш засекогаш канцеларка и тогаш Украина ќе влезе во НАТО“ е превземен од МАКФАКС.