Вработените во државните институции во Мексико треба да избегнуваат бакнување, гушкање и давање комплименти за физичкиот изглед, налага новиот етички кодекс кој има за цел борба против сексуалното вознемирување.

Уредбата на мексиканските власти вчера беше објавена во „Службен весник“ и ги повикува државните службеници да избегнуваат однесување кое подразбира физички контакти кои се од сугестивна природа како допирање, гушкање и бакнување. Исто така, се бара вработените во јавниот сектор да избегнуваат и коментари, комплименти или шеги кои имаат сексуална конотација во врска со физичкиот изглед на друга личност.

Со оглед дека новиот етички кодекс стапува во сила околу една недела пред прославувањето на Денот на вљубените, од вработените се бара и да не си даваат подароци со кои би покажале дека сексуално ги привлекува друга личност.

За прекршување на новиот кодекс, предвидени се казни согласно мексиканските закони за одговорност во јавните служби.

Новите правила властите во Мексико ги носат во период кога постои голема мобилизација на феминистичките движења низ цела Латинска Америка за борба против сексуалното вознемирување и насилство врз жените.

Прикажи повеќе