Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор денеска вети истрага за протекувањето на лични податоци на повеќе од 300 новинари, обвинувајќи ги неговите „противници“ дека сакаат да водат „валкана војна“ неколку месеци пред изборите.
– Прво мора да видиме што се случило, кој е одговорен за хакирањето, рече шефот на државата на редовната прес-конференција, ветувајќи поддршка од неговата влада за новинарите „кои се појавуваат на списокот“.
Обрадор напомена дека ќе биде поднесена пријава до Националниот институт за заштита на лични податоци (ИНАИ). Истата организација вчера понуди стандарден формулар за поднесување жалба.
Обрадор во минатото бараше укинување на ИНАИ преку уставни реформи, сметајќи дека нема никаква корист од тоа тело.
– Тоа е валкана војна, тоа е шпионажа. Тоа е она што го направија со Гвакамаја, рече мексиканскиот претседател со што алудираше на случајот со хакирање на официјални документи класифицирани како доверливи во неколку земји од Латинска Америка, вклучително и Мексико, во 2022 година.
– Ова се медиумски војни, коментираше Обрадор, именувајќи двајца многу познати мексикански новинари и додаде: „Запомнете, нашите противници имаат многу пари. Тие можат да ги ангажираат највештите криминалци во светот“.
За време на истата прес-конференција, тој имаше прилично напната дискусија со угледниот новинар Серхио Рамос, добро познат во Мексико и меѓу луѓето кои зборуваат шпански во САД, кој ги поставуваше прашања за безбедноста.
Протекувањето на лични податоци на повеќе од 300 новинари го откри експертот за кибер безбедност Виктор Руиз во петокот, што предизвика загриженост кај застапниците за слободата на печатот.
Засегнатите новинари се акредитирани во Претседателството на Мексико.
Мексико е една од најсмртоносните земји во светот за новинари, особено во централните држави каде владее шверцот со дрога и наркокартелите.
Најмалку 43 новинари се убиени во Мексико откако Лопез Обрадор ја презеде функцијата во декември 2018 година, соопшти една од мексиканските организации за слобода на печатот.