Повеќе цивили, меѓу кои и деца, загинале откако хуманитарниот конвој со кој се евакуирале бил мета на напади, информираа украинските власти. Настанот се случил изминатиов викенд во село во близина на Харков кое од денеска веќе не е под контрола на руската војска.

Advertisements

„За жал, дел од нив беа деца. Кон нив било стрелано со автоматско оружје, а еден автомобил бил погоден со топ, веројатно од тенк или од борбено возило на пешадијата“, вели еден украински командир.

Во меѓувреме, проруските воени сили од Доњецк соопштија дека сега веќе имаат одврзани раце за преземање на челичарницата Азовстал во градот Мариупол, бидејќи сите цивили биле извлечени. Токму од скривниците, украински поручник апелираше за итна евакуација на ранетите војници.

„Имаме тешки загуби. Секој ден може да ни биде последен. Имаме екстремно ограничени ресурси. Во вакви услови ова значи наша смрт или пак заробување од непријателот, што исто така значи смрт“, изјави Илија Самоиленко – поручник во Азовскиот баталјон.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш истакна дека се многу мали шансите за скорешен прекин на огнот и примирје, па затоа во сите дипломатски напори фокусот е поставен на успешна евакуација на цивили.

„Мислам дека соработката и со властите во Москва и со властите во Киев за да се овозможи евакуација на цивилите од Азовстал во Мариупол и други од градот Мариупол, покажува дека сè уште постои можност во дипломатијата да се спасат животи и да се подобри драматичната хуманитарна ситуација“, рече Антонио Гутереш – генерален секретар на ООН.

И официјален Вашингтон смета дека „ова ќе биде долга војна“. Американските власти одобрија нови 40 милијарди долари помош за Украина, по што еден од најблиските соработници на Путин, Дмитриј Медведев кажа дека САД, преку Киев, води посредничка војна со Русија, но дека Вашингтон ќе биде економски скршен, а не Москва.

Лука Андреев