Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска, кој ќе ја отвори престижната селекција „Хоризонти“ на годинешниот 81. Венецински филмски фестивал, веќе е распродаден за кинодистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.
Филмот ќе почне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција да обезбеди киноприкажување пред светската премиера.
„Овој извонреден интерес за ‘Мајка’ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година“, велат од француската агенција „Кинолоџи“, која е задолжена за светска продажба и дистрибуција.
„Филмот ‘Мајка’ е извонредно уметничко дело. Гордост ни е што овој филм, зад кој стојат визијата на Теона Стругар-Митевска и посветеноста на целата авторска екипа, го носи печатот на македонската креативност, но и професионализам. Неговото претставување на отворањето на еден од најреномираните светски фестивали, Венецискиот, е доказ дека македонската уметност може рамноправно да чекори со светот. ‘Мајка’ покажува дека кога уметниците се поддржани, а државата има слух за културното творештво, се раѓаат дела што говорат на универзален јазик. Министерството за култура и туризам ќе продолжи решително да поддржува проекти од ваков калибар, кои не само што ја афирмираат македонската култура дома туку ѝ обезбедуваат видливост и признание на најпрестижните сцени во светот“, изјави денеска на прес-конференција министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Филмот ќе ја има својата светска премиера на 28 август 2025 година во Венеција отворајќи го првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: La Grazia, напишан и режиран од оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска.
Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка. Режисерката Теона Стругар-Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен на три континенти, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери.
„Мајка“ ќе се натпреварува во повеќе категории во Венеција вклучувајќи: најдобар филм, режија, сценарио и актерски остварувања. Премиерата на 28 август е само почеток на неговото европско и светско фестивалско патување.
За македонската публика, „Мајка“ ќе биде премиерно прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.
Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, а сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар-Митевска и Елма Татарагиќ.
Текстот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска распродаден за европска дистрибуција пред премиерата во Венеција е превземен од МАКФАКС.