Илон Маск ја предводи групата инвеститори кои имаат за цел да купат контрола на OpenAI за 97,4 милијарди долари, објави вечерва Wall Street Journal. Понудата е за непрофитна организација која ја надгледува оваа компанија за вештачка интелигенција, а според WSJ, адвокатот на Маск Марк Тобероф потврдил дека понудата е официјално поднесена денеска.

WSJ ја цитира и изјавата на Маск, проследена од неговиот адвокат Тобероф: „Време е OpenAI да се врати на своите корени како отворен, безбедносно ориентиран проект за општото добро“.

Алтман одговори саркастично, а Маск го нарече измамник.

Откако веста стана јавна, извршниот директор на OpenAI Сем Алтман му одговори на Маск на платформата X (поранешен Твитер) велејќи: „Не, благодарам, но ако сакате, би можеле да го купиме Твитер за 9,74 милијарди долари“.

Маск брзо одговорил нарекувајќи го измамник, а подоцна во одговорот на друг корисник напишал дека Алтман е „Измама Алтман“.

Заладени односи

Овој конфликт доаѓа во време кога односите меѓу Маск и Алтман станаа крајно напнати. Маск и Алтман се меѓу основачите на OpenAI, основана во 2015 година како непрофитна организација со цел истражување на вештачката интелигенција.

Како и да е, насоката што ја зеде OpenAI во последниве години наиде на критики од Маск, особено откако OpenAI основаше комерцијална подружница во 2019 година и го лансираше ChatGPT кон крајот на 2022 година, што предизвика глобален интерес и бран инвестиции во генеративна вештачка интелигенција.

SoftBank, според неодамнешниот извештај на CNBC, е блиску до затворање на инвестицијата од 40 милијарди долари во OpenAI, со проценки дека вредноста на OpenAI може да достигне 260 милијарди долари.

Маск води конкурентен стартап со вештачка интелигенција

Маск моментално води свој стартап со вештачка интелигенција наречена xAI, кој се позиционираше како конкурент на OpenAI. Покрај тоа, Маск поднесе тужба против OpenAI, обвинувајќи го за кршење на антимонополските закони и обид за спречување на нејзината понатамошна транзиција во профитна компанија.

Паралелно, OpenAI соработуваше со SoftBank и Oracle како дел од Project Stargate, иницијатива започната веднаш по инаугурацијата на Доналд Трамп, која предвидуваше инвестирање милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција во САД.

Според информациите на WSJ, понудата на Маск е поддржана од неговата компанија xAI, која би можела да се спои со OpenAI доколку аквизицијата биде успешна. Други инвеститори во оваа понуда се Valor Equity Partners, Baron Capital, 8VC и инвестицискиот фонд Ари Емануел.

Адвокатот на Маск, Тобероф, исто така испрати писмо до државните јавни обвинители на Калифорнија и Делавер на 7 јануари, барајќи да се отвори процес на јавно наддавање за OpenAI.