Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“, објавија уште една книга од еден од најреномираните и најчитани македонски писатели, академик Божин Павловски – книгата „Записи од надземјето: клетии“. Оваа е втора по ред книга на Павловски со записи од ваков вид, односно се појавува кратко по „Записи од надземјето: чудесии“. Читана во целина, новата книга на Павовски е своевидна историја на македонската општествена, политичка и културна стварност во XXI век. Со прочит на текстовите датирани од почетокот на 2000-тите години наваму се доаѓа до многу појасна слика за сето она што Македонија го доживеа и преживеа во поголемиот дел од периодот по прогласувањето на македонската самостојност и независност наваму.

Запишаното во „Записи од надземјето: клетии“ потсетува на сите грешки, падови, успеси, жигосувања, подметувања, лаги, интриги, поигрувања, предизвици и успеси со коишто се има соочено македонското општество во новиот милениум, особено како резултат на дејствувањето на т.н. политички елити. Согледано од перспективата на еден од најреферентните интелектуалци и двигатели во македонското општеството во втората половина на XX и во XXI век. Несомнено, оваа е прва и засега единствена книга што толку сеопфатно „портретира“ толку долг период од македонското современо битисување, и тоа со изразит критички тон што не е упатен од временска дистанца, туку за секој настан или појава датира од периодот на случувањето, што отвора многу дилеми дали и колку згрешија многу чинители на македонската општествена стварност што не секогаш беа подготвени да ги слушнат мислењата, искуствата и визиите, но и да ги прифатат критиките од еден врвен интелектуалец од рангот на Павловски.

– И други ме прашале зошто во 1989 година ја напуштив Македонија? Знам дека тоа предизвика бранувања, од восхит до завист, револт и одмазда. Со оглед на моите зрели години (47) веројатно мојата постапка беше провокативна. Имам дадено неколку конвенционални одговори дека преселбата била мотивирана од амбицијата да креирам подобра иднина за своите деца и да им отворам пат на своите дела. Но сега, од оваа дистанца, кога се мисли дека го постигнав тоа, јасно е дека Македонија не сум можел да ја напуштам трајно никогаш затоа што сум ја носел во себе. А тоа заминување може да се доведе во врска со творечкиот немир, односно со немирот на хероите што ги креирав. И тие беа веќе дисперзирани по континентите. Темите што ме преокупирале тогаш барале од мене да го завладеам не само духовниот туку и географскиот простор. Така постапиле безброј мои книжевни идоли, од Дејвид Лоренс до Дејвид Малуф. И како што овој вториов секоја година и се враќа на Австралија, така јас годинава по дваесет и втори пат и се вратив на Македонија, пишува Павловски во пораката до читателите на почетокот на книгата.

Впрочем, „Записи од надземјето: клетии“ е силна потврда за нераскинливата врска на академик Божин Павловски со Македонија. Од неа се чита и дека македонската стварност, тој, иако некогаш физички одалечен илјадници километри, ја согледувал и анализирал подобро, посуштински и покритички од многумина што постојано, дури и активно (па дури и со својата пасивност) биле и/или дел од неа, физички присутни во татковината. Или, инаку кажано: Павловски не еднаш бил и позагрижен, поодговорен, поанализитичен и пореален за „македонцките работи“ од многумина други што со своите ставови биле/се присутни во македонскиот културен простор. Додека некои интелектуалци селективно ја перципираа реалноста, а други ја премолчуваа од „комфорна зона“, и дури трети ја гледаа со очила со субјективна диоптрија низ која и на своите современици сакаа/ат да им ја наметнат својата „слика“, Павловски, бескомпромисно, неселективно и подеднакво објективно кон сите субјекти на македонската стварност има укажувано на грешките, манипулациите, подеднакво доблесно колку и за македонските успеси.

Неслучајно, „Записи од надземјето: клетии“ може да се чита како историја на Македонија во досега изминатиот период на XXI век. Во неа не е пропуштен ниту еден важен, престврен или судбоносен момент од македонското битисување во периодот од 2000-тите години наваму, а големата вредност на сите текстови е фактот што нивната првообјава, а со тоа и првите апели од Павловски се имаат случено во моментот кога нештата се случуваа. Затоа, до степен и што изненадува, „Записи од надземјето: клетии“ и нѐ потсетува на сето она што како народ, нација и држава го имаме преживеано во децениите зад нас, а од кое, многу се чини сме заборавиле или едноставно сме го потиснале во својата колективна меморија. Додатна вредност е што со објавувањето на оваа книга, сето тоа е на увид и на помладите генерации, коишто можеби и ќе го дадат одговорот на дилемата колку македонската општествена стварност денес ќе беше поинаква поинаква ако во децениите зад нас, при носењето судбоносни одлуки за државата, навремено се чуеше и разбереше гласот на македонскиот интелектуалец, некогаш отелотворен и како крик упатен од Австралија.

Впрочем, „Записи од надземјето: клетии“ може и треба да се чита и како продолжение на претходната книга на Павловски, „Записи од надземјето: чудесии“, како целина што се однесува доминантно на македонската стварност во векот што го живееме. Текстовите од овие две книги претставуваат изворници не само за сето она што се има случено и за не многу афирмирани податоци, сознанија и согледби, туку и за пропуштени шанси, можности и години кога не секогаш се прифаќаше критиката на општественик од ваков формат, и тоа во сите „етапи“ на македонската самостојност.

Книгата „Записи од надземјето: клетии“ и претходната „Запиди од надземјето: чудесии“ се дел од собраните дела на академик Божин Павловски во 26 тома, во издание на МАНУ и „Матица македонска“.

Во текот на овој месец, „Матица македонска“ има акција во која сите книги што се однесуваат на македонскиот национален идентитет се достапни по половина цена, а како што беше најавено, книгоиздавателството до крајот на август ќе објави и уште неколку нови книги што се однесуваат на важни прашања за Македонија, за нејзината историја и за нејзината сегашност.

Текстот МАНУ и „Матица“ објавија уште една книга со записи од Божин Павловски е превземен од МАКФАКС.