Детето од Ново Село кое беше врзано и тепано од страна на сопствениот татко е сместено во згрижувачко семејство, соопшти Обвинителството.
„За снимката со врзано дете во струмичко Ново Село, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против таткото на девојчето за кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 од Кривичниот законик“, соопштија од таму.
Во соопштението се наведува дека детето, преку Центарот за социјални работи, е сместено во згрижувачко семејство.
За таткото ќе бидат предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, одземање на патна исправа, повремено јавување кај службено лице и забрана за приближување до девојчето.
Претходно од МВР известија дека е поднесена кривична пријава против 57-годишниот З.Ч. од општина Ново Село, за кој постои сомнеж дека насилно се однесувал со својата 11-годишна ќерка и ја снимал со телефон.
Настанот се случил пред два дена, во дворното место од неговата куќа, каде што пријавениот ја нападнал својата 11-годишна ќерка, за која е законски старател по разводот со сопругата. Тој го снимил насилството со мобилен телефон, а видеото подоцна било објавено на социјалните мрежи, соопшти полицијата.