Национален парк на Хаваите издаде ново предупредување до туристите откако мало дете за малку ќе паднало во вулкан. Момчето залутало подалеку од своето семејство и во дел од секундата стигнало до работ на карпа висока 120 метри, се вели во соопштението на националниот парк.
„Неговата мајка, врескајќи, успеала да го зграби кога малото момче било на само триесетина сантиметри од работ“, се додава во соопштението.
Чуварот на паркот Џесика Феракан изјави за Би-Би-Си дека се надева оти споделувањето детали за инцидентот ќе помогне да се спречат идни трагедии.
Килауеа, на Големиот остров на Хаваи, е еден од најактивните вулкани во светот. Редовно еруптира, а последната ерупција започна на 23 декември. Паркот соопшти дека инцидентот се случил на Божиќ во затворен простор каде што семејствата се собрале да ја гледаат лавата.
„Беше во област со поглед на големиот кратер на вулканот. Момчето немаше да го преживее падот“, истакна Феракане. Чуварите на парковите велат дека сакаат да ги потсетат посетителите да останат на патеката и да ги држат своите деца блиску.
„Оние кои ги игнорираат предупредувањата, поминуваат покрај знаците за забрана и влегуваат во затворени области, тоа го прават со голем ризик“, нагласија тие.
Текстот Мало дете за дел од секунда ќе паднело во вулкан на Хаваите, мајката го зграбила во последен миг е превземен од МАКФАКС.