Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ќе побара разјаснување за намерите на Русија кон Украина во телефонскиот разговор со претседателот Владимир Путин најавен за в петок, поради зголемените стравувања од напад на Кремљ врз Украина. Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц ја истакнаа својата поддршка за Украина на вчерашната заедничка прес-конференција во Берлин и го повторија својот став дека Русија ќе плати висока цена доколку го нападне својот помал сосед.
Двајцата лидери зборуваа пред продолжувањето на разговорите за таканаречениот „нормандски формат“, што го сочинуваат политички советници од Русија, Украина, Франција и Германија, кои треба да се сретнат денеска во Париз. НАТО во понеделникот соопшти дека ги става силите на подготвеност и ја зајакнува Источна Европа со повеќе бродови и борбени авиони. Тоа Русија го осуди како западна „хистерија“ на нејзиното собирање од десетици илјади војници на границата со Украина.