Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не исклучува никакви опции доколку руските борбени авиони влезат во европскиот воздушен простор.
„Во согласност со доктрината за стратешка двосмисленост, можам да ви кажам дека ништо не е исклучено“, рече Макрон во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, одговарајќи на прашање дали би поддржал соборување на руски борбен авион доколку влезе во европскиот воздушен простор без дозвола.
Макрон истакна дека ја потцениле Русија. Тој тврдеше дека Русија е најголемата структурна закана за Европејците, наведувајќи мешање во изборните кампањи, кибернапади, атентати на противници и ширење лажни информации.
„Постои француски нуклеарен чадор“
„Наивни сме ако не препознаеме дека тајната армија на Русија се шири во нашите демократии. Таа се состои од оние мали анонимни воини што ги нарекуваме дигитални ботови. Тие ја манипулираат демократијата во Франција, Германија и низ цела Европа“, предупреди тој.
Кога беше прашан за предлогот на Европската комисија да се користат замрзнати руски средства како колатерал за исплати на воени репарации на Украина, Макрон повтори дека средствата не можат едноставно да се конфискуваат, бидејќи тоа би го прекршило меѓународното право.
Макрон, исто така, потврди дека ќе одржи говор на почетокот на следната година за француската нуклеарна доктрина, која моментално се ажурира.
„Францускиот нуклеарен чадор постои. Моментално работам на ажурирање на нашата доктрина и сакам да продолжам со продлабочување на нашиот стратешки дијалог со Европејците кои сакаат да учествуваат“, рече тој.
Фото: принтскрин
Текстот Макрон: Ја потценивме Русија е превземен од МАКФАКС.