Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева оти го убедил американскиот претседател Доналд Трамп да не води трговска војна против Европа, туку да се фокусира на Кина.
„Не можете да имате трговска војна со Кина и Европа во исто време, се надевам дека го убедив во тоа“, изјави Макрон за Фокс њуз по средбата со Трамп во Вашингтон, пренесува бриселскиот портал Политико.
Макрон изјави дека за Вашингтон „приоритет е да се воведат царини за Кина“ и дека истовремено водење трговска војна со Европа би било против интересите на САД. Францускиот претседател рече дека се обидел да го убеди Трамп да не воведува царини, нагласувајќи дека Европа не направила ништо за да ја заслужи американската одмазда, пренесува Танјуг.
„Му реков на Трамп дека ДДВ не е царина и дека Европската унија никогаш не воведувала царини за увоз од Америка“, рече Макрон. Тој нагласи дека европските земји нема да можат да ги зголемат трошоците за одбрана, како што бара Трамп, доколку се соочат со трансатлантска трговска војна.