Сто и педесет лица се уапсени во Франција по втората ноќ немири низ земјата, изјави министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин, откако сообраќајната полиција застрела 17-годишно момче. Министерството соопшти дека за време на судирите биле повредени десетици полицајци.
„Ноќ на неподносливо насилство врз симболите на Републиката. Запалени или нападнати градски сали, училишта и полициски станици, 150 апсења“, напиша Дарманин на Твитер.
Полициската употреба на смртоносна сила во работничкото париско предградие Нантер против тинејџер, кој има северноафриканско потекло, влијаеше на длабоко вкоренетата перцепција за полициската бруталност во етнички различните населби на најголемите градови во Франција.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека 2 000 полицајци се мобилизирани во регионот на Париз, а превртени возила гореле на авенијата „Пабло Пикасо“ во Нантер, непосредно пред полноќ, додека врз полициските сили биле пукани пиротехнички средства.
Полицијата се судри со демонстрантите во северниот град Лил и во Тулуз на југозапад, а немири имаше и во Амиен, Дижон и административната област Есон јужно од француската престолнина, изјави портпаролот на полицијата.
Претседателот Емануел Макрон свика кризен состанок на владата, соопштија од неговиот кабинет. На почетокот на состанокот Макрон рече дека е неоправдано насилството што се шири низ Франција втор ден по ред откако полицаец застрела 17-годишно момче во предградие на Париз. Тој рече дека фаталното убиството на тинејџерот не е за простување.