Макрон пристигна во Нова Каледонија, најави останување на полициските сили

Францускиот претседател Емануел Макрон пристигна во Нова Каледонија, француска прекуморска територија погодена од насилни протести, каде што најави дека 3.000 француски полицајци ќе останат на островот се додека е потребно.

– Во следните часови и денови ќе бидат планирани големи нови операции каде што е потребно, рече Макрон на состанокот со политичките и деловните лидери на островот, нагласувајќи дека редот ќе биде целосно воспоставен бидејќи „нема друг избор“.

Тој додаде дека 3.000 француски полицајци ќе останат на тој остров, доколку е потребно, дури и за време на Олимписките игри во Париз.

– Јас лично верувам дека вонредната состојба не треба да се продолжи, рече Макрон и додаде дека треба да се укине кога демонстрантите ќе ги тргнат барикадите од патиштата.

На средбата со Макрон беше премиерот на Нова Каледонија, Луј Мапу, како и претседателот на Конгресот, Рош Вамјтан, потписник на Договорот од Нумеа од 1998 година, кој го отвори патот за постепена независност на Нова Каледонија.

Овој договор истече во 2021 година, до кога пропаднаа три референдуми за независност, чии резултати не ги признаваат припадниците на домородниот народ Канак.

Вамјтан е лидер на Каледонскиот синдикат, најголемата партија во коалицијата за независност ФЛНКС, во чие соопштение пред состанокот беше наведено дека се надеваат дека Макрон ќе „вдише нов живот“ во преговорите на сите страни од поранешниот договор.

Макрон истакна дека „смирувањето не може да значи игнорирање“ на мнозинската позиција во Нова Каледонија.

Протестите на островот траат со недели, а на 13 мај станаа насилни поради најавеното гласање во францускиот парламент за измени на уставот на Нова Каледонија на 14 мај.

Промената би значела проширување на правото на глас во Нова Каледонија на француските граѓани кои живеат на островот повеќе од 10 години, што е спротивно на Договорот од Нумеа, според кој никој што се преселил на островот по 1998 година нема право да гласа.

Француската влада смета дека исклучувањето на една петтина од луѓето од гласање е „апсурдно“, но сепаратистите на Нова Каледонија веруваат дека проширувањето на избирачкиот список ќе биде од корист за профранцуските политичари.

Бидејќи се работи за уставна реформа, за нејзино усвојување е потребно гласање во двата дома на францускиот парламент, за што Макрон сè уште не објави датум.

ФЛНКС во соопштението побара од Макрон да даде повеќе време за постигнување политички договор за иднината на островот.

Франција ја анектираше Нова Каледонија во 1853 година, а од статус на колонија премина во статус на прекуморска територија во 1946 година.

Нова Каледонија е трет по големина производител на никел во светот, но секторот е во криза и околу 20 отсто од нејзините жители живеат во сиромаштија.

Француските власти соопштија дека од почетокот на немирите до саботата, при размена на оган на барикадата на северот на островот, загинале шест лица, а двајца се повредени.

Властите прогласија вонредна состојба која вклучува ноќен полициски час, како и забрани за јавни собири, продажба на алкохол и носење оружје.

Илјадници туристи останаа на островот поради затворањето на единствениот аеродром за комерцијални летови, а Франција, Австралија и Нов Зеланд организираа летови за да ги извлечат туристите од Нова Каледонија.