Францускиот претседател Емануел Макрон остро ги осуди плановите на Израел да ја засили својата воена операција во Газа како катастрофа во најава и предложи меѓународна коалиција со мандат од Обединетите нации за стабилизирање на Газа.
Минатата недела, израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање контрола врз Газа, во обид да ги прошири своите воени операции на опустошената палестинска територија. Ова предизвика остри критики во земјата и во странство.
„Објавата на израелскиот кабинет за проширување на операциите во градот Газа и бегалскиот камп Маваси и за повторна окупација најавува катастрофа од невидена сериозност што само чека да се случи и движење кон бесконечна војна“, рече Макрон во коментарите што неговата канцеларија ги испрати до новинарите. „Израелските заложници и народот на Газа ќе продолжат да бидат главните жртви на оваа стратегија“, додаде Макрон.
Палестинците денес пријавија најсилно израелско бомбардирање во последните неколку недели источно од градот Газа, неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека очекува прилично брз крај на проширената офанзива.
Шест новинари, вклучувајќи го и дописникот на Ал Џезира, Анас ал-Шариф, беа убиени во офанзивата во близина на болницата Ал Шифа, пренесува ДПА. Сведоците известуваат дека израелските тенкови и авиони ги насочиле кон Сабра, Зејтун и Шеџаја, трите источни предградија на Газа на север од енклавата, предизвикувајќи голем број луѓе да избегаат на запад.
Некои жители рекоа дека претходната ноќ била една од најлошите во последните неколку недели, плашејќи се од можноста за подлабока офанзива во нивниот град, кој е дом на милион Палестинци. Германија пред три дена објави дека го запира извозот на оружје во Израел поради израелскиот план, а Италија предупреди дека новата офанзива може да биде „Израелски Виетнам“.
Текстот Макрон: Израелскиот план за Газа е катастрофа во најава е превземен од МАКФАКС.