Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека царините наметнати од моќните земји често се форма на „уцена“, а не инструменти за ребалансирање на трговијата.

„Мораме да ја вратиме слободата и еднаквоста во меѓународната трговија, многу повеќе од бариерите и царините, кои се дизајнирани од најсилните и кои често се користат како инструменти за уцена, а никогаш како инструменти за ребалансирање“, рече Макрон на Меѓународната конференција за финансирање на развојот во Севиља, пренесува Ројтерс.

Тој повика на поддршка и преглед на Светската трговска организација, со цел да се усогласи со целите на борбата против нееднаквоста и климатските промени.

„Враќањето на трговската војна и царините во овој момент од животот на планетата е аберација, отстапување, особено кога ги гледам царините наметнати на земјите кои штотуку го започнуваат својот економски подем“, рече Макрон.

Коментарите на Макрон доаѓаат во време кога се во тек последните преговори меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави за трговски договор, пред рокот од 9 јули што го постави американскиот претседател Доналд Трамп, според медиумот.

Во април, Трамп најави воведување глобални царини во опсег од 10 до 50 проценти, и затоа за повеќето земји, тој воведе одложување на нивната примена за 90 дена, време кое беше оставено за постигнување трговски договори и нивно намалување.