Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека ќе чека политичките партии во земјата да формираат „републиканско“ мнозинство во Националното собрание и дури потоа ќе донесе одлука за нов премиер, имајќи предвид дека ниту една партија не освои мнозинство на минатонеделните парламентарни избори, јави МИА.
Коментарите на Макрон беа содржани во писмото објавено од неколку француски медиуми, додека лидерите на различни партии се обидуваат да се проектираат себе си како единствено решение за актуелните политички превирања по изборите кои никому не му дадоа соодветна предност.
– Никој не победи … Ниту една политичка сила независно не освои доволно мнозинство гласови, така што сите блокови и коалиции кои ги произведоа овие избори се во малцинство, заклучува Макрон во писмото.
Тој побара од партиите посветени на „републиканските институции, владеењето на правото, парламентарните норми, европската ориентација и одбраната на француската независност“ да постигнат компромис.
– Во светло на овие принципи ќе одлучам за именување премиер. Дотогаш актуелната влада ќе продолжи да дејствува во согласност со своите надлежности и ќе раководи со решавањето на актуелните прашања, напиша Макрон, кој распиша предвремени избори поради победата на десничарскиот Национален собир и поразот на неговата коалиција на изборите за Европскиот парламент.
Националниот собир во првиот круг од парламентарните избори беше на прво место по број на гласови.
Во вториот круг од изборите, со тактичкото повлекување на кандидатите, центристичката алијанса на претседателот и левичарската коалиција Нов народен фронт спречија победа на Националниот собир, и на прво место дојде Новиот народен фронт, центристите завршија на второто место и Националниот собир на трето.