Српската гранична полиција спречила криумчарење на граничниот премин Прешево во Србија, кога вчера македонски државјанин бил фатен како поседува луксузен часовник од марката „Патек Филип“ чија проценета вредност е околу 115 000 евра, а за чие поседување немал соодветна документација. Поради тоа, било задржано и возилото со марка „Порше“ во кое патникот пристигнал на преминот.
Обидот за криумчарење бил откриен вчера претпладнето кога на излез од српскиот граничен премин Прешево пристигнало „Порше“ со германски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин. Тој бил во друштво на уште еден патник, а на прашањето дали имаат нешто да пријават за царинска контрола, двајцата одговориле негативно. Сепак, деталниот преглед ги демантирал нивните тврдења.
Имено, и на левата и на десната рака на возачот биле пронајдени два скапоцени часовници еден од марката „Патек Филип“ а другиот од марката „Ролекс“, за кои не поседувал никаква пропратна документација, иако станува збор за стока со голема вредност.
Бидејќи претходно не ја пријавил стоката на влез во Република Србија, рачниот часовник „Патек Филип“ чија вредност се проценува на 115 000 евра е привремено задржан, а привремено е одземен и автомобилот со марка „Порше“.
Бидејќи се работи за странски државјаник, прекршочниот суд во Прешево донесе првостепена пресуда со која на македонскиот државјанин му изрече парична казна од 150 000 динари односно 1 275 евра и заштитна мерка одземање на стока (рачен часовник „Патек Филип“ и возилото со марка „Порше“.
Доколку и по жалбената постапка не се смени одлуката на судот, и часовникот и автомобилот запленети со прекршок ќе бидат изложени на јавна продажба во Царинарницата Ниш.