Руската пропаганда во македонските медиуми сé повеќе добива на интензитет, но сега во едно поинакво светло. Веќе не се величаат „херојските“ успеси на руската армија (кои очигледно се дефицитарни), туку пропагандните руски наративи одат во друга насока, фокусирани на надворешните работи, критикувајќи ги западните земји, пред се САД, во говорите на високите руски владини претставници, и преку инсинуации, наведувачки и манипулативни содржини настојуваат да ја дискредитираат Украина, нејзините вооружени сили и раководсвото, со цел да се намали поддршката од западните сојузници, со што Украина би била ставена пред свршен чин да мора да прифати мировни преговори, но секако, под руски услови.
Доколку со внимание се следат содржините кои дел од македонските медиуми речиси секојдневно ги пласираат пред својата интернет публика, се добива впечаток дека ја преземале улогата на портпароли на власатите во Кремљ, и се во директна корелација и работат според насоките на планерите на кампањата на Путин за неговиот петти мандат на претседателски избори во Русија.
Секое појавување на високите руски функционери во јавноста и нивните изјави, кои речиси без исклучок се спротивни на официјалните ставови на македонската влада и нејзините НАТО и ЕУ сојузници, се пренесува некритички, во дел од нив и со нескриено воодушевување, без да се изврши проверка на нивната вистинитост, а за објава на спротивставени ставови воопшто не станува ниту збор.
Може да се забележи дека на овие медиуми особено им е омилен рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на кого му изразија огромна почит и со своето присуството на неговата прес- конференција на Самитот на ОБСЕ во Скопје ги легитимираа неговот небулозни изјави, во моменти кога тој беше целосно маргинализиран од останатите земји учеснички на Самитот.
Таков е случајот и со последните неколку последователни изјави на Лавров, надополнети со „одмерените“ изјави на Захарова, кои, сосема некритички ги пренесуваат овие, речиси секогаш исти медиуми. Така, според нив, 13 часовниот лет на Лавров до ЊуЈорк претставува вистинско херојско дело, при што тој успешно ги избегнал непријателските земји, и храбро му „одбрусил“на „чичко Сем“ дека Русија нема да моли, откако со години тие ја игнорирале добрата воља на „семоќниот“ Путин.
Понатаму, апологетите на руската експанзионистичка политика меѓу македонските медиуми, го пренесуваат обвинувањето ( секако неосновано) на Лавров дека за САД војната во Украина е само профитабилен бизнис, при што ги објавуваат неговите услови за мировни преговори ( не спротивставувајќи му ги украинските ставови и 10те точки од условите за мировни преговори на Зеленски, меѓу кои и повлекувањето на руските окупациони сили од окупираните украински територи), и секако , на тоа ја надоврзуваат заканата од портпаролката Захарова дека мировните иницијативи нама да бидат возможни се додека се доставува оружје за одбрана на Украина ( додека , истовремено , Русија за својата агресорска војна и нападите врз цивилни цели во Украина добива оружје од Иран и Северна Кореја).
И секако, тука мора да се нотира некритичкото пренесување на говорот на Лавров во ОН во кој го обвини западот кој „ со манијакална упорност ја охрабрува Украина да се судри со Русија, иако, всушност, Украина е таа која беше нападната од Русија и е приморана да се брани. И тука, секако, се заборава да се пренесат, не споменувајќи ја рекцијата на педесетина земји од ОН кои објавија соопштение во кое укажуваат на лицемерието на Руската Федерација за свикување редовна седница на Советот за безбедност на ОН за критикување на легалната испорака на оружје за Украина, ниту пак на нивните страници најдоа простор да го објават говорот на Сергиј Кислица, амбасадорот на Украина во ОН, кој во обраќањето пред Советот за безбедност, по излагањето на Лавров, истиот го нарече „ Реинкарнацијата на Рибентроп“.
Монироринг тимот на Цивил Медиа при следњето на пенетрацијата и ширењето на руската пропаганда на овие простори, забележува дека ваквите наративи наидуваат на плодна почва во одредени македонски медиуми, кој се чини дека ревносно ги следат насоките на политичките стратези на Путин кои работат на неговата предизборна порака повеќе од две години, И секако, како по правило, речиси секогаш истите медиуми, веќе евидентирани како дистрибутери на руската пропаганда и дезинформации на македонскиот информативен простор, оркестрирано ги споделуваат „нарачките“ на пропагандистите на Кремљ.
Драган Мишев
Повеќе од Мониторинг тимот на Цивил за присутноста на руската пропаганда во македонските медиуми можете да прочитате на следните линкови: