Македонскиот народен театар со особена чест ја прими веста за селекцијата за учество на 70. „Стериино позорје“, Нови Сад. На денешната прес-конференција, 25 март, во 12:00 часот, од страна на д-р Ана Тасиќ – селектор, д-р Мирослав Радоњиќ – директор на „Стериино позорје“ и Горан Ибрајтер – извршен директор на „Стериино позорје“, беа соопштени селектираните театарски куќи и претстави. Во селекцијата е и нашата претстава „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.

Овогодишното 70. „Стериино позорје“ ќе се одржи од 26 мај до 3 јуни 2025 година, под мотото „Создавање историја/менување на иднината“. Покрај МНТ во натпреварувачката програма учествуваат и: Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште, Нови Сад и други.

Последното учество на МНТ беше пред 22 години на 29 мај 2003 година со претставата „Павиљони“ од Милена Марковиќ, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Последните награди кои ги добива МНТ се на тогашните 30. Југословенски театарски игри „Стериино позорје“, Нови Сад, што се одржа од 26 мај до 3 јуни 1985 година: Награда за претстава во целина за „Среќна нова ’49“; награда за режија за Слободан Унковски за „Среќна нова ’49“; награда за актерско остварување на Ненад Стојановски за улогата на Пиги во „Среќна нова ’49“ и награда за сценографија за Динка Јеричевиќ за „Среќна нова ’49“. Следната 1986 година, наградата за особени заслуги ја добива и режисерот Димитар Ќостаров.

Текстот Македонскиот народен театар на „Стериино позорје“ во Нови Сад е превземен од МАКФАКС.